ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ИЛОВИЦА И ШТУКА ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ДО НИВНИТЕ СЕЛА ГНЕВНИ НА ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ НА КОМПИРОТ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД ИЛОВИЦА И ШТУКА ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ДО НИВНИТЕ СЕЛА ГНЕВНИ НА ОТКУПНИТЕ ЦЕНИ НА КОМПИРОТМладиот компир почна да се откупува за 15 и 18 денари за килограм, а селаните велат дека цената не смее да падне под 25 денари (Фото: СДК.МК)

    Земјоделците од Иловица и Штука го блокираа патот кон овие населени места во знак на револт поради ниската откупна цена на младиот компир. Со трактори и земјоделска механизација тие излегоа утрово на раскрсницата кон овие села откако откупната цена на младиот компир падна на 15 денари за килограм. Според нив, оваа цена не ги покрива ниту производствените трошоци, а камоли да имаат надомест за трудот што го вложиле или пак заработувачка.

    Младиот компир почна да се откупува по цена од 15 и 18 денари, во зависност од квалитетот. Откупната цена не смее да падне под 25 денари. Семенскиот материјал е скап, скапи се ѓубривата и препаратите. Очигледно треба или џабе да го предадеме нашето производство или да го оставиме да гние по нивите, а сите се бориме за храна“, коментираа земјоделците од Иловица и Штука, кои почнаа да го собираат родот од нивите.

    Ова не е првпат да реагираат раноградинарите од овие населени места кои се препознатливи по производство на млад компир. Изминатите години знаеја да блокираат откупни пунктови во знак на незадоволство од цените, а од вчера имаат договор да не земаат амбалажа за собирање и предавање на родот.

    Годинава лошо помина и откупот на пролетната зелка. Стотици тони останаа несобрани поради ниските цени и немањето интерес. Таа во моментов се откупува по цена од пет и шест денари за килограм, но нема редовен откуп.

    За разлика од лани, годинава откупната цена на зелката е катастрофа. Не се исплаќа да се собира за пет денари, а згора на тоа, треба да чекаш со денови откупувачите да ти кажат да ја собираш. Срамота“, вели земјоделецот Сашко Тренов.

    Трговците, пак, тврдат дека падот на откупните цени во Струмичко е резултат на зголемената понуда на зеленчук на странските пазари и совпаѓањето на македонското производство со производството на зеленчук во другите држави.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира