Тиквешијата како еден од најголемите производни региони на земјоделски производи, пред сѐ на грозје, се соочува со неконтролирана примена на заштитни средства за растенијата. Со тоа директно се нарушува здравјето на производителите, а прекумерната употреба на пестициди им штети и на консуматорите на земјоделските производи, оценуваат експертите. Со години, лозарите од стартот на вегетацијата на виновата лоза користат најразлични средства за заштита, без притоа да внимаваат на вистинската потреба од одреден препарат и во кој период е потребно да се користи.
„Бидејќи државата нема долгорочна стратегија за развој на земјоделството, земјоделците се оставени сами на себеси. Спроведуваат заштита на растенијата по сопствено убедување, а произволно користат и минерални ѓубрива. Таквата неконтролирана примена на хемиски средства ја загадува почвата, но уште поопасно е што се загрозува и здравјето како на производителите, така и на консуматорите“, вели проф. Д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.
Тој нагласува дека лозарите во Тиквешко се водени од традицијата и прскаат без конкретно утврдени рокови и без вистинска потреба од одредени средства. Со тоа, вели тој исто така непотребно се изложуваат и на трошоци, бидејќи заштитните средства се прилично скапи за македонскиот стандард на земјоделците.
Д-р Вучков нагласува дека е потребно на терен да профункционираат пероноспорни служби кои ќе ја следат состојбата со појавата на болести и штетници и ќе го утврдат вистинскиот момент за третирање.
„Доколку државата, како во минатото, повторно ги активира службите за заштита на растенијата, земјоделците ќе имаат вистинска стручна информација кога и со што треба да ја извршат заштитата. Доколку направат агро хемиска анализа ќе знаат точно со што треба да извршат ѓубрење на површините за да добијат подобар принос“, додава д-р Вучков.
Според неговите согледувања, нестручниот пристап во заштитата е причина за појава на болести и штетници во поголеми размери. Објаснува дека лозарите водени од минатото прскале против гроздов молец или прерано или предоцна. Но, вели, тие не се виновни. Потребно е стручни лица кои ќе имаат информации од следењето на состојбите на терен да им ја дадат потребната рецепта за заштита, со рокови и потребни средства.
„Сѐ додека не се изготви долгорочна стратегија, производителите на храна ќе лутаат, ќе трошат непотребно пари за заштитни средства, а со тоа ќе го нарушуваат своето и здравјето на консуматорите. Мора да се едуцира нашиот вреден земјоделец. Државата мора да најде начин и да изготви стратегија. Да ги активира службите за заштита. Така ќе имаме не токсични земјоделски производи и само така овошјето и зеленчукот ќе бидат вистинска храна“, вели професорот.
Стихијното прскање веќе со години не му смета никому. Ниту некој врши контрола, ниту пак знае колкави количини хемија се распрскуваат по тиквешките ниви.
Дека е потребно враќање на пероноспорните служби дециден е и пензионираниот агроном м-р Диме Златев, кој со децении им дава совети на лозарите како правилно да ја извршат заштитата. Вели тоа го прави со љубов кон лозарството иако не е негова обврска.
„Во минатото излегувавме на терен. Ја утврдувавме фактичката состојба на терен со појавата на болести и штетници и дававме препораки во рок од 48 часа да се изврши третирање доколку утврдевме опасност од болести и штетници. Сега тоа не е случај. Секој сам си прави проценка, без стручен основ. Тоа е проблем. Се пропуштаат вистинските фази кога е потребна заштита“, вели овој долгогодишен стручњак од Кавадарци.
А. ДАНОВ