Обиколка на локациите кои биле најпогодени во катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година во Скопје, со панорамскиот сити автобус организира ЈСП „Турс“. Специјалната тура „Рута на солидарноста“ за одбележување на 55-годишнината од земјотресот ќе се одвива три дена, од вторник до четврток, во два термини од 11 и 17 часот.
Турите ќе се изведат со професионален туристички водич, обиколката во вторник ќе биде бесплатна, а во среда и четврток билетот ќе чини 150 денари.
„Со овој мал гест сакаме да искажеме благодарност и почит кон сите што му помогнаа на Скопје, а истовремено да пратиме порака дека скопјани никогаш нема да ја заборават подадената рака и светската солидарност по катастрофата во 1963 година“, велат од ЈСП „Турс“
Почетна станица ќе биде местото каде што е родена Мајка Тереза, паркчето пред зградата на ЕВН на Плоштадот Македонија. Оттаму, автобусот ќе се упати кон Старата железничка станица, потоа ќе вози кон населбите Тафталиџе 1 и 2, населби изградени со помош на светската солидарност, ќе продолжи по улиците Варшавска, Прашка, Лондонска, Осло, Хелсинки. Преку улицата Московска по булеварот Партизански одреди автобусот ќе минува спроти поликлиника „Букурешт“ подарок од Романија. Оттаму, туристичкиот автобус ќе се упати покрај местото на уништените блокови во Карпош 2, па покрај Универзална сала подарок од Бугарија и блоковите од Градски ѕид – проект на архитектот Кензо Танге, ќе стаса до стариот театар и кај зградата на Македоската опера и балет. Турата ќе заврши повторно на Плоштад кај родната куќа на Мајка Тереза.
А. АНТЕВСКА