Прекинува штрајкот на вработените во јавните претпријатија во Битола, откако градоначалникот Тони Коњановски на денешната средба со претставниците на синдикатите и директорите даде согласност за линеарно зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари од август.
„Општина Битола, како основач на јавните претпријатија, ќе овозможи нивна поддршка и субвенционирање за надминување на тешката состојба во која се наоѓаат, поради што од моја страна, беше дадена согласност за линеарно зголемување на платите на вработените во сите јавни претпријатија и секако исплата на регрес за годишен одмор, согласно законската регулатива. Од директорите побарав комплетно завршување на потребната законска постапка за побараното зголемување на платите во најкраток рок, но и од нив и од претставниците на синдикатите, побарав зголемена ангажираност на вработените и навремено извршување на работните обврски“, рече Коњановски.
Штрајкот на вработените од јавните претпријатија траеше само два дена. Тие, како и други вработени во јавниот сектор, побараа линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес на годишен одмор од 2023 година.
Ж. ЗДРАВКОВСКА