ЗГРАДАТА НА ЕСМ ДЕВЕТ ГОДИНИ Е ГРДОТИЈА – ВЛАСТА НА СДСМ НЕ ТРГНА НИТУ ЕДНА БАРОКНА ФАСАДА НИТУ ПАК ГИ НАПРАВИ ОНИЕ КОИ СЕ СПАСИЈА

    ЗГРАДАТА НА ЕСМ ДЕВЕТ ГОДИНИ Е ГРДОТИЈА – ВЛАСТА НА СДСМ НЕ ТРГНА НИТУ ЕДНА БАРОКНА ФАСАДА НИТУ ПАК ГИ НАПРАВИ ОНИЕ КОИ СЕ СПАСИЈАЗградата која е еден од најзначајните објекти на модерната архитектура од 1960-тите и 1970-тите години, сега личи на разурнат и напуштен објект. (Фото: СДК.МК)

    Девет години, зградата на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) која до пред две години ја делеше со ЕВН, во строгиот центар на Скопје стои без фасада, како грдотија. Оваа зграда беше еден од најзначајните објекти на модерната архитектура од 1960-тите и 1970-тите години, а сега повеќе личи на разурнат и напуштен објект отколку значајно архитектонско дело и седиште на државна компанија.

    Уништувањето на зградата почна во 2013 година. На барање на тогашниот премиер Никола Груевски, за да се вклопи во неговиот контроверзен проект „Скопје 2014“, австриската компанија ЕВН почна со отстранување на стаклената фасада за да прави барок од стиропор од 4,3 милиони евра. Проектот во целост не успеа да се реализира и беше стопирано обвивањето во барок со доаѓањето на власт на СДСМ. Но, само тоа и беше направено. Почнува шестата година од нивното владеење, а зградата зјае без фасада. Нема најави за нејзина обнова, ниту е избран проект, а камо ли наскоро да почнат градежни работи.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК постави прашање до државната компанија ЕСМ дали има намера да ја направи фасадата на зградата во центарот на Скопје во која се сместени и која стои како грдотија или ќе чека ВМРО-ДПМНЕ  да дојде на власт и да ја направи барокна, како што беше првичниот план кога почна реконструкцијата?

    Од ЕСМ ни одговорија дека во изминатите години се работело да се овозможи нивно преселување во зградата спроти Музеј на Град Скопје, а овој објект да го преземе друга инстуција и таа да ја доврши фасадата.

    „За жал, сите обиди АД ЕСМ да може да ја користи новата зграда и да ја продаде или отстапи старата, не вродија со плод, односно и покрај повеќето најави дека настаната правна состојба може да се реши, истата сè уште не е разрешена односно зградата да не може да добие употребна дозвола и да не може да се изврши технички прием. Од тие причини, АД ЕСМ е изложен и на трошок за инвестиција во нова зграда која не може да ја користи, и на трошок за санирање и уредување на старата зграда во која нема соодветни услови за работа внатре, ниту соодветна фасада и изглед од надвор. Исто така, Град Скопје, Општина Центар и АД ЕСМ бараа ново урбанистичко решение за зградата, но се наиде на различни толкувања околу надлежностите“, ги објаснуваат причините зошто зградата е грдотија од државната компанија ЕСМ.

    Како дополнителни причини поради кои фасадата не можела да се обнови ги наведуваат и пандемијата на ковид-19 и енергетската криза во која се наоѓа сега земјава.

    „Веруваме дека по завршувањето на оваа грејна сезона, во која АД ЕСМ доби и дополнителни обврски со менаџирање и на парното греење во Скопје, брзо ќе го вратиме во фокусот прашањето кое се однесува на фасадата на зградата на плоштадот“, додаваат од ЕСМ.

    Зградата е изградена 1962 и беше еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура. Автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никуљски кон крајот на 1970-тите години  и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект. Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира