Фасадата на зградата на „Пелагонија“ во центарот на градот и годинава ќе стои соголена оти Град Скопје уште нема идејно решение за враќање на нејзиниот автентичен изглед. Градоначалникот Петре Шилегов веднаш по стапување на градоначалничката функција ги стопираше градежните работи за барокната фасада. Оттогаш на зградата нема никакви активности. Таа стои соголена, се гледаат цигли и мермер.
„Раката да ми се исуши ако го потпишам договорот за фасадата на ‘Пелагонија’ од 1,3 милиони евра“, рече Шилегов на 20 ноември 2017, кога најави враќање на автентичниот изглед на зградата.
Од кабинетот на Шилегов не одговорија на нашето прашање зошто еден од неговите први најавени проекти сè уште не се реализира, ниту кога би стартувало рефасадирањето на зградата.
„Градот Скопје е во разговори со сопствениците во посочениот објект, сo цел пронаоѓање на соодветно решение и надминување на постоечката состојба“, велат кусо од Град Скопје.
Рефасадирањето на зградата на „Пелагонија“ почна во 2015, кога ексградоначалникот Коце Трајановски склучи договор со конзорциумот „Билдинг солушн“ и „Масон инженеринг“, кои за доградба на зградата во делот околу влезот и за преслекување во барок од Град Скопје требаше да добијат 1,9 милиони евра. Тие требаше да ги завршат градежните работи во рок од една година. Но бидејќи тоа не го сторија, Град Скопје во јуни 2017 го раскина договорот и распиша нов тендер за избор на изведувач.
Градоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на функцијата рече дека договорот за барокна фасада од 1,8 милиони евра кој го распиша неговиот претходник нема да го потпише, туку „Пелагонија“ ќе го добие автентичниот изглед за многу помалку пари.
А. АНТЕВСКА