Жени се 60 проценти од наставно-научниот кадар на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола, рече ректорот проф. д-р Игор Неделковски на дебатата „Жените во науката“, во организација на Македонското научно друштво од Битола.
„Јас сум дел од оние 30 проценти од жените во науката кои ја ставаат Македонија на листата помеѓу првите држави во Европа со толкав голем процент. На УКЛО, покрај што 60 проценти од вработените се жени, статистиката покажува дека во 2024 во вкупниот систем на студирање имавме 57 проценти студентки. Се зголемува интересот за студирање на техничките науки, каде пред десет години имаше 5 проценти студентки, а сега имаме пораст до 28 проценти“, рече проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, проректорка за студентски работи.
Претседателката на Македонското научно друштво од Битола, проф. д-р. Даниела Андоновска- Трајковска, рече дека според податокот од Државниот завод за статистика за 2023, во државата повеќе жени од мажи биле доктори на науки, 52, 3 отсто, а претходно имало и години кога тој процент се движел и до 60.
„Но, не знаеме колку од тие жени, доктори на науки, си го нашле своето место во образование или во други општествени сфери, односно колку си ја употребиле својата диплома и колку можат активно да се занимааваат со наука“, рече Андоновска-Трајковска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА