ТЕТОВО ИМА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА, А ЖЕНИТЕ СЕ ПЛАШАТ НАВЕЧЕР САМИ ДА СЕ ДВИЖАТ ПО УЛИЦА, ВЕЛИ ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО ГРАДОТ

    ТЕТОВО ИМА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА, А ЖЕНИТЕ СЕ ПЛАШАТ НАВЕЧЕР САМИ ДА СЕ ДВИЖАТ ПО УЛИЦА, ВЕЛИ ИСТРАЖУВАЊЕ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО ГРАДОТПроектот беше реализиран во рамките на регионалната програма на Обединети нации, „Спречување на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција“ (Фото: СДК.МК)

    „Навечер од работа се враќам околу полноќ. Иако имам пат од 10 минути, секоја вечер земам такси, затоа што ми е страв да одам пеш. Се исплашив една вечер. Ме следеше една кола. Се обидов да се скријам и да земам такси, но такси немаше, па продолжив да се движам. Автомобилот застана до мене и еден човек од внатре ми кажа: ‘Дојди кај мене во автомобилот‘. Му вратив дека не сум проститутка. Оттогаш, редовно користам такси кога се враќам од работа“.

    „За да дојдам до училиште или кога одам на пракса ми требаат 20-25 минути пешачење. Сакам да стигнам и побрзо, но за да се чуствувам побезбедно, одам по заобиколен пат, бидејќи ми се случувало да ми дофрлуваат од автомобил, понекогаш и ќе застане автомобил и тоа ме вознемирува“.

    „На јавен простор се случи 28-годишна девојка да биде нападната од манијак, кој секојдневно е таму. Пред некој ден, една сосетка ми кажа дека кога поминувала по улица ѝ пришло момче и ја удрило по задникот. Овде може и физички да ме нападнат, а довикување и свиркање се веќе нешто нормално. Понекогаш се чуствувам толку мизерно и понижено“.

    Ова се само дел од кажувањата на жените од Тетово, дадени во истражувањето „Колку е безбеден јавниот простор во Тетово за жените“, кое го спроведе коалицијата „Маргини“.

    „Причината зошто го истражувавме ова е што јавниот простор не е само движење од една до друга точка, туку претставува социјална активност. Од истражувањето заклучивме дека жените во Тетово помалку го користат јавниот простор од мажите поради тоа што се чувствуваат недоволно безбедно. Се утврди дека одредени форми на, условно кажано, ‘меко насилство‘, како свиркање, дофрлување, зјапање и коментирање, се веќе доста нормални“, вели Ирена Цветковиќ од коалицијата „Маргини“.

    Жените од Тетово се изјасниле дека ретко или никогаш не би се шетале, посебно во вечерните часови, кај спортската сала, паркот кај спортскиот центар, низ мали и тесни улички кои не се осветлени, реонот околу поштата, улицата Цетинска, кај Економското училиште и кај автобуската станица. За испитаните жени, исто така, опасно место за шетање е патот до трговскиот центар „Палма мол“, кој поминува низ подвозникот.

    „Освен вербалното, зачестена форма на родово насилство помеѓу младите е и сајбер вознемирувањето во вид на сексистички коментари, озборување, па дури и споделување приватни фотографии од страна на поранешни партнери. Силувањето е исто така застапено во Тетово. Од 2015 до октомври 2018 година во Тетово биле пријавени само 11 случаи на силување на жени. За жал, жените многу ретко пријавуваат во полиција ваков вид насилство“, надополнува Цветковиќ.

    Во ова истражување биле спроведени 200 анкетни прашалници со жени во центарот на Тетово, 13 интервјуа со засегнати страни и седум фокус групи. Проектот е реализиран во рамките на регионалната програма на Обединети нации, „Спречување на насилството врз жените во Западен Балкан и Турција“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира