Општина Центар најави дека ќе гради повеќенаменска спортска сала за 3.000 гледачи на местото предвидено за барокна катна гаража во Градски парк. Таа ќе биде намемета за КК „Работнички“, и ќе биде на истата локација како сегашната сала. Конкурсот за идејно решение, од Центар најавуваат дека ќе го распишат денес.
Општина Центар вели дека паркирањето ќе се реши со надземниот паркинг кој што ќе овозможува паркирање на минумим три автобуси и еден камион, додека подземниот паркинг ќе биде со капацитет од 150 до 200 возила за потребите на спортистите, но останува проблемот со паркирање за публиката. Дополнително, барокната катна гаража требаше да го реши проблемот со паркирање на стадионот „Филип Втори“, кој е со капацитет од 34.000 места.
„Оваа сала со капацитет од 3000 гледачи ќе биде новиот дом на најтрофејниот клуб КК „Работнички“ и ќе се наоѓа на местото на сегашната сала и поширокото окружување. Претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ сакаше тука да гради 30 метарска барокна катна гаража на парцелата до салата, решение на кое актуелното општинско раководство силно се спротистави. Цели две години, и покрај заканите со инспекции, актуелното општинско раководство и градоначалникот Андреј Жерновски пружаа отпор кон оваа градба. Општината конечно успеа да го спречи градењето на барокната гаража и парцелата ќе ја пренамени за нова спортска сала“, велат од Општина Центар.
Спортската сала од Центар ја најавуваат како трет капитален објект во Општината по основното училиште во Капиштец и градинката. Општинарите најавуваат дека ќе биде проектирана како повеќенаменска за во неа да се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис. Треба да има амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, како и прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Центар ќе побара од проектантите салата да има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните. За гледачите и посетителите најавени се фан шопови, гардероби, ресторан, кафетерија и игротека, а во салата се планираат и канцеларии за спортски федерации, просторија за ВИП гости, кацеларии за управа, архива и сала за состаноци.
„Проектот ќе се реализира по пат на јавно-приватно парнерство, а идејното решение ќе се избере на конкурс, транспарентно како што досега практикуваше општина Центар. Според најавениот интерес, се очекуваат голем број на идејни решенија кои ќе бидат јавно презентирани“, велат од Центар.
Локалните избори се закажани за 15 октомври.