Наодите од гробот 111 на принцезата од Милци, археолошки локалитет и некропола што се наоѓаат во близина на граничниот премин Богородица, ќе бидат меѓу 19 значајни предмети пронајдени во Македонија кои ќе бидат презентирани на изложбата „Првите кралеви на Европа“ во САД и Канада. На оваа меѓународна изложба ќе учествуваат 26 музеи од 11 европски земји, а ќе биде отворена на 21 септември во Институтот за древни студии во Њујорк, по што продолжува на тригодишна турнеја во Филдовиот музеј во Чикаго и во Националниот историски музеј во Отава, Канада.
„Во Милци се истражени и откриени повеќе од 140 гробни целини и гробот 111 на принцезата од Милци. Тој зазема централно место во нашата изложба. Претставен е со целокупните метални наоди од гробот. За првпат доаѓаме до сознанија за многу македонско-пајонски култни бронзи, кои се најдоа во интегрална состојба и за кои имавме сознанија само како случајни наоди. Првпат се откри култна палка или скиптар или жезло лоциран покрај покојничката. Познати се такви култни палки од римскиот период или од цртежите и сликаната вазна керамика од античкиот период, но од почетокот на 7. век пред нашата ера за првпат“, рече Бобан Хусеновски, музејски советник во Музејот од Гевгелија.
На изложбата ќе учествуваат и Завод и музеј Прилеп со жртвеник од Врбјанска Чука и Завод и музеј Битола со скиптарот од Шуплевец.
„Овој камен скиптар го претставува достоинството на племенската заедница од времето на енеолитот. Пронаоѓањето на овој предмет кај село Маково сведочи за културни кралски влијанија од север, поточно од коњаницата од степските кавкаски предели. Вообичаено, овие премети се наоѓале во гробови“, рече Јасмина Гулевска, кустос во Музеј Битола.
Национален координатор на изложбата е Гоце Наумов, според кој, ова е можеби најголемата изложба на балканската праисторија и промоција на културното наследство досега, бидејќи обединува многу музеи од Европа и главно од Балканот.
„Ќе се презентира она што е клучно за праисторијата на Балканот, а тоа е трансформацијата од племенски заедници во кралства, од неолитот до железното време. Ќе се покаже како земјоделските заедници кои настануваа околу седмиот милениум пред новата ера постепено преку економски и стопански процеси влегуваа во кралства“, рече Наумов.
Изложбата е на иницијатива на Филдовиот музеј од Чикаго, со кој соработката беше воспоставена во 2018.
Ж. ЗДРАВКОВСКА