Седумгодишна голгота преживува 71-годишниот Вангел Јолакоски од село Оровник, Општина Дебрца, барајќи ја правдата за исплата на надоместок за одземеното земјиште за изградбата на автопатот Охрид- Кичево. Државата сè уште му нема исплатено надоместок за 1.825 метри квадрати земјиште иако патот веќе поминува на негов имот.
Најпрво понудената сума од 1.150 денари за метар квадратен била неприфатлива за Јолакоски, оти реалната била двојно повисока. Спорот го решавале по судски пат, а Управниот суд три пати носел одлука во негова корист, но Второстепената комисија ги поништувала правосилните пресуди.
„Второстепениот орган треба да постапи, но сите недостатоци и опструкции се кај второстепениот и првостепениот орган додека од страна на Управниот суд сè е исправно. Но, второстепениот орган постапи како да е над сите, не ги почитува пресудите ниту од Судскиот совет, ниту од Управниот суд“, вели Јолакоски.
Последната одлука на Управниот суд е донесена во февруари годинава, со налог да се исплати надометок на сопственикот на земјиштето, но до денес нема одговор.
Останатите жители на Дебрца кои ја одбиле понудената цена за експропријација, по судски пат успеале да добијат реална цена за одземеното земјиште од страна на државата. Јолакоски вели дека некој намерно му прави опструкции и најави дека правдата ќе ја бара и во Судот за човекови права во Стразбур доколку не си ги добие парите кои му следуваат за одземениот имот.
„Седум години ме малтретираат. На сите им исплатија, сè од тука натаму е исплатено освен мене“, вели Јолакоски.
Барајќи ја правдата побарал помош и од премиерот и од претседателот на државата кои, како што вели, му дале поддршка и го упатиле до Народниот правобранител, кој пак одговорил дека Второстепената комисија мора да ја уважи пресудата на Управен суд.
Денес на одземеното земјиште кај Подмолје е изграден дел од автопатот. Доколку не си ги добие парите Јолакоски најави и блокади и протести.
С. ВРЕНЦОВСКА