ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦ СО ПЕТИЦИЈА ЗА УКИНУВАЊЕ НА НОВИТЕ ПОСКАПИ ЦЕНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ЦЕНТАР

    ЖИТЕЛИТЕ НА КАПИШТЕЦ СО ПЕТИЦИЈА ЗА УКИНУВАЊЕ НА НОВИТЕ ПОСКАПИ ЦЕНИ ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ЦЕНТАРКористењето на паркинзи надвор од сопствениот сектор, кое досега беше бесплатно, сега се наплаќа 500 денари по возило месечно. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на скопската населба Капиштец организирани во групата „За пристоен Капиштец“, собираат потписи против новите, поскапи цени за паркирање. Тие ќе ја достават петицијата до градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, Советот на Општина Центар и до директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), Душко Коцевски.

    „На 15 април 2026, ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар‘ донесе нов ценовник и нов правилник за користење на јавните паркиралишта кои директно го зголемуваат финансискиот товар на жителите на Општина Центар. Одлуката беше донесена без претходна анкета, без јавна расправа и без каква и да е консултација со засегнатите граѓани“, велат од групата „За пристоен Капиштец“.

    Со новиот ценовник, семејство чии членови поседуваат две возила регистрирани на иста адреса, но на различни сопственици ќе плаќа 6.000 денари годишно за второто возило. За третото возило наплатата е 18.000 денари годишно. Вкупно, семејство со три возила ќе плаќа до 24.000 денари годишно само за паркирање пред сопствениот дом. Дополнително, користењето на паркинзи надвор од сопствениот сектор, кое досега беше бесплатно, сега се наплаќа 500 денари по возило месечно.

    „Ова не е мала административна корекција. Ова е значителен финансиски удар врз семејните буџети, наметнат без никакво образложение и без ниту еден ден дијалог со граѓаните. Статутот го обврзува претпријатието редовно, навремено, целосно и вистинито да ја информира јавноста за својата работа и развојните програми. Оваа обврска очигледно не беше почитувана. Пред зголемување на цените, ПОЦ е должен да обезбеди квалитетна услуга, обележани паркинг места, редовно одржување и чистење, доследно спроведување на резидентниот режим на мешаните паркиралишта и достапна услуга за отстранување на непрописно паркирани возила во сите часови и во неработните денови. Ниту едно од овие не е обезбедено на задоволително ниво“, додаваат граѓаните.

    Граѓаните бараат итно суспендирање на новиот ценовник додека не се спроведат вистински консултации со жителите, организирање јавна расправа со претставниците на сите паркинг сектори во Општина Центар, јавно образложение за основата и оправданоста на зголемувањето на цените и конкретен план за подобрување на квалитетот на услугата пред каква и да е наплата на повисоки цени.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира