ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПЛАЌААТ 500 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО ЗА ПАРКИРАЊЕ НАДВОР ОД ЗОНАТА КАДЕ ШТО ЖИВЕАТ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ПЛАЌААТ 500 ДЕНАРИ МЕСЕЧНО ЗА ПАРКИРАЊЕ НАДВОР ОД ЗОНАТА КАДЕ ШТО ЖИВЕАТДосега жителите на Центар можеа да се паркираат бесплатно на сите паркинзи со кои стопанисува претпријатието, односно и во другите зони, не само во онаа каде што живеат.(Фото: ПОЦ)

    Жителите на Општина Центар ќе плаќаат 500 денари за паркирање надвор од зоната во која живеат. Ова е предвидено со новиот ценовник на ЈП „Паркинзи Општина Центар“, кој беше усвоен на последната седница на Советот.

    Досега жителите на Центар можеа да се паркираат бесплатно на сите паркинзи со кои стопанисува претпријатието, односно и во другите зони, не само во онаа каде што живеат. Тоа значи дека сега жителите на Капиштец нема да може да се паркираат во Дебар Маало или обратно. Ако сакаат да паркираат низ цела општина ќе треба да платат 500 денари месечно.

    Со измените сега поскапува и паркирањето за втора кола за станари од 250 на 500 денари, а за трето возило цената од 1.200 денари се зголемува на 1.500.

    Жителите на Капиштец организирани во групата „За пристоен Капиштец“ сметаат дека новиот ценовник е донесен на нетранспарентен начин, без да бидат консултирани граѓаните, ниту пак во изборната кампања градоначалникот Горан Герасимовски при средбите со жителите кажа дека ќе има зголемување на цените.

    „Бараме одговорност и повлекување на донесените одлуки. Семејство со две возила регистрирани на иста адреса, почнува да плаќа 500 денари месечно или 6.000 денари годишно само за да паркира пред сопствениот блок. За три возила 2.000 денари месечно односно 24.000 денари. годишно. Ако пак некој од членовите на семејството паркира надвор од сопствениот сектор, тоа се уште 500 денари по возило месечно. Ова не е мала корекција. Ова е удар врз семејните буџети, донесен преку ноќ, без ниту еден ден консултации“, се вели во објавата на фејсбук страната „За пристоен Капиштец“.

    Поскапување има и за цените кај зонското комерцијално паркирање во зоните 1 и 2 во делот на дневните карти, кои поскапуваат за 100 денари, односно од 300 на 400 денари, дневните припејд карти поскапуваат за 200 денари, односно од 800 на 1.000 денари во зона 1 и од 700 на 900 во зона 2. Месечната мобилна бизнис карта, која ја користат правните субјекти, поскапува за 500 денари, од 2.000 на 2.500 денари.

    За вработените во деловните субјекти со седиште во опфат на некое од јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, цената се зголемува од 2.000 на 3.000 денари месечно. За службените возила на правните субјекти на паркиралиштата од затворен тип месечната карта ќе изнесува 4.000 денари, односно поскапува за 1.000 денари.

    Пајакот поскапува за 500 денари, односно за подигната погрешно паркирана кола, сопственикот наместо 3.500 денари, ќе плати 4.000.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира