ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБОЈНО ПРОТЕСТИРАА ОТИ СЕКОЈ ДЕН СЕ СЕЧЕ ШУМАТА НАД СЕЛОТО, ОД „ПРЕСПА ДРВО“ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е ПРЕДВИДЕНО ВО ПРОГРАМАТА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈА

    ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБОЈНО ПРОТЕСТИРАА ОТИ СЕКОЈ ДЕН СЕ СЕЧЕ ШУМАТА НАД СЕЛОТО, ОД „ПРЕСПА ДРВО“ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е ПРЕДВИДЕНО ВО ПРОГРАМАТА ЗА ЕКСПЛОАТАЦИЈАЖителите велат дека секој ден се носат по 4-5 камиони исечени дрва од шумата. (Фото: СДК.МК)

    Жители на преспанско Љубојно се жалат дека еколошка и инфраструктурна катастрофа му се заканува на селото поради голема сеча на дрвја од шумата. Тие заедно со жители на околните села денес излегоа на протест блокирајќи го патот по кој велат дека секојдневно повеќе од еден месец минуваат камиони натоварени со исечени дрва.

    „Се сече на нула, гола сеча, како фудбалско игралиште се прави шумата. Шумското претпријатие дало концесија на некоја фирма и сечат по 30 кубици односно 4 -5 големи камиони товарени со дрва секој ден. Ова место е од јужната страна на Љубојно, стрмен терен и таму е пошумено во 50-те години на минатиот век  кога имаше поплави, и никој дрвце не пресече. Сега се даде концесија и сечат сѐ“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК Цане Лембовски.

    Жителите велат дека сечата може да го загрози и опстанокот на селото.

    „Тоа е катастрофа за селото бидејќи водата при поголем дожд ќе се слива во Љубојно. Патот кој е селски, не е јавен, туку селаните го направиле само за манастирите и сега камиони со по 30 кубика дрва го оштетуваат. Резерварот за вода е подолу и при поголем дожд ќе се контаминира водата“, додава Лембовски.

    Денешниот протест се одржа со блокада на патот каде минуваат камионите за сеча. Но, бидејќи беше најавен, сечачите не се појавија на терен. Откако заврши, жители од селото попладнево кажуваат дека сечачи дошле на друг дел од шумата.

    Жителите  најавуваат порадикални мерки доколку сечата продолжи.

    Од подружницата на Македонски шуми „Преспа дрво“ велат дека сечата  е спроведена врз основа на десетгодишна програма  за шумско-стопанска основа за експлоатација на шуми, одобрена со одлука на Владата.

    „Програмата е донесена пред две-три години и сѐ е плански пресметано, донесена од експерти, шумски инженери. Поради потполна зрелост на шумата, управување и проред, со одобрение на инспектор за шумарство дадена е можност да се експлоатира. Јавното претпријатие  тоа го даде на тендер. Ние вршиме надзор. Тоа е гола сеча вистина, но така е предвидено во програмата зашто за една година таму игла немаше да може да се фрли“, рекоа за САКАМДАКАЖАМ.МК од „Преспа дрво“.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА 

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира