Жителите на тетовското село Јеловјане се жалат дека не им се дозволува да сечат од шумата за обезбедување дрва за огрев за лични потреби. Оваа забрана доаѓа откако Шар планина беше прогласена за Национален парк, во чиј состав е и атарот на село Јеловјане.
„Не знам од кои причини, не може да ни издаваат дозвола да можеме да сечеме дрва. Погранична полиција и шумска полиција, постојано ни прават проблеми. Се обративме до директорот на Националниот парк и до градоначалникот на Општина Боговиње, но не најдовме на разбирање. Мислам дека избрзале со прогласување на Национален парк, затоа што околу Јеловјане 80 проценти од шумите се приватни имоти. Ова не е проблемот само со нашето село, истиот го имаат и и селата Урвич, Ново Село, Раковец, Новаке, односно сите околу девет села од општината Боговиње кои гравитираат околу Националниот парк. Луѓето кои живеат овде пред сѐ се пензионери или социјални случаи и без дрва за затоплување во зима луѓето не можат да преживеат. Тие не можат да платат по 100 евра за кубик дрва, кога имаат свој имот со шума кој и им е наследство од дедовците и прадедовците“, вели Џевдет Халими, жител на село Јеловјане.
Жителите на ова шарпланинско село проблемот го лоцираат во слабата екипираност на службите од Националниот парк па бараат дозволи за сеча на шумата да може да издава и шумското претпријатие како што тоа го правело и до сега.
„Решението жителите на село Јеловјане го гледаат во тоа да се изнајде институција која ќе издава дозволи. Ако Националниот парк нема луѓе кои тоа би го правеле тогаш дозволи за сеча да издава шумско претпријатие како што тоа го правеше до минатата година“, предлага Месут Фејзуловски, од истото село.
Наспроти овие тврдења на жителите на село Јеловјане, од Националниот парк Шар Планина велат дека сеча на шума на сопствен имот е дозволено само ако се поседува имотен лист за местото и дека најголемиот дел од жителите на овие села не поседуваат имотни листови.
„Бараат да сечат дрвна маса, на приватни имоти за кои велат дека се нивни, но не поседуваат имотни листови на нивно име. Имаат многу не средини имотни права, имотите за кои велат дека се нивни, всушност сѐ уште се водат на нивните татковци или дедовци бидејќи досега не ги префрлиле на свое име. Исто така на овие простори има многу имот, односно шума, која се води и на име на државата. Нашите правила се јасни, ако сакаш да сечеш на дрвна маса од приватна шума, треба да имаш имотен лист, а овдешните жители во 98 насто случаи, немаат имотни листови кои гласат на нивно име. Затоа не можеме да им издадеме одобрение за сеча“, изјави директорот на Националниот парк „Шар Планина“, Ибрахим Дехари.
Од Националниот парк исто така велат дека постепено работат и на доекипирање на персоналот па сега издале отворен оглас за прием на шумарски инженер, со што се очекува уште повеќе да се забрза процедурата околу издавање на дозволи за сеча на шумата за оние лица кои ги исполнуваат условите.
З. АНДОНОВ