ЖИТЕЛИТЕ ОД ЦЕЛИОТ ЈУГОЗАПАДЕН РЕГИОН ПРАВАТ СЕРОЛОШКИ ТЕСТОВИ ЗА КОВИД АНТИТЕЛА ВО ВЕВЧАНИ ОТИ Е НАЈЕВТИНО

    ЖИТЕЛИТЕ ОД ЦЕЛИОТ ЈУГОЗАПАДЕН РЕГИОН ПРАВАТ СЕРОЛОШКИ ТЕСТОВИ ЗА КОВИД АНТИТЕЛА ВО ВЕВЧАНИ ОТИ Е НАЈЕВТИНОМесечно се прават и над 100 тестови на приватно оти Фондот за здравство не ги покрива, а во Вевчани цената е најпристапна. (Фото: СДК.МК)

    Во недостиг на серолошки тестови за антитела во здравствените установи, жителите од целиот Југозападен Регион на државата прават тестирања во Здравствениот дом во Вевчани за да утврдат дали претходно биле инфицирани со ковид-19. Месечно се прават и над 100 тестови кои граѓаните ги плаќаат приватно оти Фондот за здравство не ги покрива, а во Вевчани цената е најпристапна.

    „Не ги покрива Фондот за здравствено осигурување, ние сме јавна установа во интерес на граѓаните и не одиме со заработка. Во процесот на јавни набавки имаме постигнато релативно ниска цена и кај нас се доста поевтини бидејќи не сме профитна организација“ , вели Јован Стојкоски, директор на Здравствениот дом „Д-р Светозар Чочороски“.

    Масовното тестирање на антитела треба да покаже кој развил имунитет на ковид-19, со што би се идентфикувале заразените кои покажале слаби или воопшто немале симптоми типични за болеста.

    „Голем е бројот на пациенти од Струшко, Дебар, Кичево, Ресен кои доаѓаат за да направат вакви тестови. Последниот период имаме од 100 до 150 тестови месечно, зголемена е бројката, заинтересирани се граѓаните“, додава Стојкоски.

    Прецизноста на тестовите се смета 99 проценти. Тие можат да помогнат да се открие стапката на зараза во заедницата, а воедно да се овозможи оние кои имаат антитела да бидат донори на плазма за заболените на кои им е потребна.

    Состојбата со заболени од коронавирусот во Вевчани е смирена, моментално има само 10 заболени пациенти. Општината ги троши последните залихи од добиените вакцини, но интерес за имунизација има само кај вевчанци. Жителите од околните села, Велешта, Лабуништа, Татеши, Добовјани, Подгорци и Октиси не се вакцинирале.

    „Апелирам граѓаните од околните населби да се вклучат во овој процес затоа што интересот таму е многу мал. Скоро 90 проценти од вакцините ги дадовме само во Вевчани. Само со масовната имунизација се очекува бројката на новозаболени да се сведе на минимум“, вели Стојкоски.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира