ЖИТЕЛИТЕ ОД ВОДНО БАРААТ БОГДАНОВИЌ ДА ЈА СТОПИРА ГРАДБАТА ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА КАМЧЕВ И ГРУЕВСКИ, ТОЈ ИМ РЕЧЕ ДА ПОДНЕСАТ ЖАЛБА

    ЖИТЕЛИТЕ ОД ВОДНО БАРААТ БОГДАНОВИЌ ДА ЈА СТОПИРА ГРАДБАТА ДО ПЛАЦЕВИТЕ НА КАМЧЕВ И ГРУЕВСКИ, ТОЈ ИМ РЕЧЕ ДА ПОДНЕСАТ ЖАЛБАСоседите денеска на средбата со градоначалникот Саша Богдановиќ побараа да се стопира дозволата за градба на инвеститорот оти со тоа ќе почне уништувањето на планината Водно и се отвора патот и на другите парцели да се гради. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на улицата Питу Гули на Водно ќе поднесат жалба до Општина Центар за да се спречи градењето на резиденцијален објект на парцела во парк шумата Водно, над нивните домови, до која нема пристап. Откако на 19 април еден од граѓаните чија куќа се наоѓа до парцелата за градба добил известување дека е одобрено барањето за градба од Општина Центар, жителите денеска имаа средба со градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Како што објави Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ сопственик на парцелата  е Филип Костиќ. Неговиот имот е опкружен со парцели чии сопственици се фирмата „Ексико“, „Кара“ на Орце Камчев, „Манд Интернационал“ на бизнисменот и поранешниот кошаркар Пеце Наумовски. Но, Костиќ е првиот кој преку фирмата „Маркеза“ побарал дозвола за градба и сега доколку во рок од 15 дена соседите не се жалат таа ќе стане правосилна и тој може да почне да гради. До плацот нема пат, но ако се изгради, овој пат ќе води и до парцели на семејството Камчеви и Груевски.

    Соседите денеска на средбата со градоначалникот Саша Богдановиќ побараа да се стопира дозволата за градба на инвеститорот, оти со тоа ќе почне уништувањето на планината Водно и се отвора патот и на другите парцели да се гради.

    „Кажете ми како тие ќе градат и како може да се даде дозвола кога нема пристап до парцелата, нема пат. Како ќе носат градежна механизација и материјали, со хеликоптер ли? Неколку пати сме барале овој план да се смени односно маркичките да се избришат, ова земјиште кое власта на ВМРО-ДПМНЕ го пренамени во градежно повторно да се врати во првобитна состојба и таму нема градби. Доста е веќе со уништување на планината“, му рекоа граѓаните на градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Богдановиќ на средбата им ги објаснуваше законите односно тоа дека Законот за градба дозволува да се издаде градежна дозвола, иако нема пристап до локацијата ако во Деталниот урбанистички план е вцртана улица.

    „Во планот има нацртана улица и според законот не мора таа да е изградена за да може инвеститорот да добие градежна. Но, вие како граѓани имате право да поднесете жалба и јас ве охрабрувам во тоа за да се спречи дозволата за градба да стане правосилна. Поднесете жалба, еве тука има и правник од Општината и работата ќе биде завршена“, им рече градоначалникот Богдановиќ.

    Жителите го прашаа дали Општината ќе го промени планот, на што Богдановиќ рече дека прво треба да се стопира оваа градба, а потоа може да почнат иницијатива за промена на планот зашто додека не се избришат маркичките сопствениците на парцелите можат во иднина да бараат градежна дозвола, а тоа со закон и со постоечкиот ДУП им е овозможено.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира