ЖИТЕЛИТЕ УШТЕ ЗБОРУВААТ МАКЕДОНСКИ, ЏАБЕ ОБИДИТЕ ОСТРОВОТ СВЕТИ АХИЛ ВО ПРЕСПА ДА СЕ ПРИКАЖЕ КАКО ДЕЛ ОД БУГАРСКАТА ИСТОРИЈА

    ЖИТЕЛИТЕ УШТЕ ЗБОРУВААТ МАКЕДОНСКИ, ЏАБЕ ОБИДИТЕ ОСТРОВОТ СВЕТИ АХИЛ ВО ПРЕСПА ДА СЕ ПРИКАЖЕ КАКО ДЕЛ ОД БУГАРСКАТА ИСТОРИЈАМалиот остров е во Малото Преспанско Езеро на грчката страна, а според историски факти некогаш било престолнина на царот Самоил. (Фото: СДК.МК)

    „Градбата е од 10 век, направена од мајстори градители од Лариса по нарачка на царот на Бугарите Самоил“. Ова е само фрагмент од записот поставен на информативната табла за старата базилика чии остатоци се зачувани до денес на островот Свети Ахил во некогашна Егејска Македонија, а денес Грција. Текстот е испишан на грчки и англиски јазик. Единаесет векови подоцна, од базиликата зачуван е само дел од градбата, но таа и денес е најголемиот материјален доказ за поврзаноста на островот со Самоил.

    До остовот се стигнува преку пешачки мост. (Фото: СДК.МК)

    Наспроти обидите островот да се прикаже како дел од бугарската историја, жители во селото зборуваат македонски јазик. Не слушнавме бугарски јазик при нашата посета.

    Малиот остров со должина од 1.700 метри го заплискуваат водите на Малото Преспанско Езеро, а според историски факти некогаш било престолнина на царот Самоил, каде го изградил својот дворец и ги донел моштите на свети Ахил од Лариса и во негова чест подигнал катедрален храм.

    Информативната табла во базиликата. (Фото: СДК.МК)

    Стапивме во разговор со неколкумина од локалните жители кои, и покрај големиот бран на иселување што со децении постои во овој дел на Преспа, останале на старите огништа. Живот има уште во неколку куќи, а и онака никогаш не биле многу, зашто во селото се верува дека не треба да има домови повеќе од единаесет колку што имало цркви во минатото.

    „Како не зборуваме македонски, па наши роднини сè уште живеат од другата страна на границата во Брајчино и Љубојно“, ни рече соговорникот кој не сакаше да го открие иденитетот, да зборува за политика и историја, но ни раскажа за животот во единственото село на островот го носи името по светецот Ахил.

    „Многу од жителите заминаа во 1980-тите години. Да беше тогаш развиено одгледувањето на грав како денес, ќе имаа егзистенција и уште ќе беа тука. Тогаш се садеше само ‘рж и пченица и немаа некоја цена. Денес нашиот грав е надалеку познат, еден килограм достигна продажна цена од четири евра. Хектар нива во овој дел на Преспа да купите е 2.000 евра, а во Леринско со тие пари ќе си обезбедите десет хектари“, ни рече соговорникот кој ја одржува црквичката на врвот од селото посветена исто така на Ахил.

    Пешачкиот мост за Свети Ахил. (Фото: СДК.МК)

    Островот го одзема здивот со природна убавина, осветленоста и чистиот воздух. До него се стигнува по пешачки мост подигнат над езерото, па додека се минува има убава глетка зашто езеро опкружува и од левата и десна страна. Низ водите пливаат пајки, летаат пеликани, штркови, создавајќи несекојдневна глетка и мешавина од звуци. Ова е еколошки остров, нема возила, до него не води асфалтен пат, ниту педа земја е асфалтирана. Насекаде се простираат ливади на кои пасе добиток. Но, чудо како што е питома природата, така и стоката, па можете да се шетате покрај неа без проблем.

    „Езерото е повлечено, но сè уште се капеме преку лето. Може на почеток има трева, ама одиме во подлабокото“, велат жителите.

    Базиликата што ја подигнал Самоил и ги донел моштите на свети Ахил од Лариса. (Фото: СДК.МК)

    Спроти Свети Ахил од другата страна на копното е селото Герман или денес наречено Агиос Германос, некогаш најбројното македонско село на Егејот. Името го носи по патријархот Герман од времето на Цар Самоил. Во селото е многу развиен култот кон овој светец, а во истоимената црква се наоѓа и неговиот гроб. Токму во ова село беше пронајдена и надгробна плоча поставена од Самоил за неговите родители и братот од 992 или 993 година, а пронајдена во 1888 година и однесена во Софискиот музеј. Дури и да биле тука гробовите, збришен е секаков траг.

    „Во црквата е закопан светецот кој веруваме дека бил прв поглавар на Самоиоловата црква. Дури и Самоил по него го крстил син му Герман или Гаврил, односно Гаврило Радомир. Од 3.000 жители, селото денес има само пет куќи со Македонци“, ни рекоа жителите.

    Селото Герман каде беше пронајдена и надгробна плоча поставена од Самоил за неговите родители и братот од 992 или 993 година, а пронајдена во 1888 година и однесена во Софискиот музеј. (Фото: СДК.МК)

    На крајот, патот нè однесе во Нивици (Псарадес), село каде пред четири години беше потпишан Преспанскиот договор со кој се реши 30-годишниот спор за името меѓу Грција и Македонија. Тука го подготвуваат највкусниот крап од грчкиот дел на Преспа. Во рестораните сите зборуваат македонски јазик. Служат свежа риба која сами ја уловиле во езерото. Угостителите велат „остаревме чекајќи да се отвори граничниот премин со Маркова Нога“.

    „Местото тогаш многу ќе заживее. Наместо гостите од преку граница да вртат низ Вигла, по планина, ќе доаѓаат направо. Требаше уште пред две години да биде готов, но се забави работата. Пред неколку месеци носеа земја за да го истапкаат, асфалт од наша страна уште не е турен“, велат жителите на Нивици.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира