По бурните реакции на жителите на левата страна на градот, во стариот дел на Велес, дека има бројни дрски кражби по нивните домови и дека крадци не им даваат мир, од велешката Полициска станица (ПС) велат дека и понатаму ќе продолжат да ги исполнуваат законските обврски за обезбедување на безбедноста и имотот на граѓаните. Полицијата преброила дека од 23 пријавени тешки кражби во февруари и март, 10 биле во напуштени куќи, а исто толку случаи биле откриени сторителите.
„Во текот на февруари, на територијата на Велес пријавени се 11 тешки кражби и 1 кражба во куќа, од кои 3 биле во напуштени куќи. СВР Велес расчисти 7 тешки кражби и 1 кражба. Во текот на март, пријавени се 12 тешки кражби и 2 кражби, од кои 7 биле во напуштени куќи. СВР Велес расчисти 3 тешки кражби, а за 4 се добиени сознанија за сторителите и по целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Во текот на април пријавени се 5 тешки кражби и 1 разбојништво, од кои 2 тешки кражби се расчистени“, кажа Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
Наспроти ова, жителите на улицата Коле Цветков одржаа состанок за тоа како да се слушне нивниот глас за кражбите, но и побараа реакција од ПС Велес. Тие собираат петиција од жителите на овој дел на Велес, која ќе ја достават до локалната власт и до полицијата.
Претходно, командирот на ПС Велес Александар Костов кажа дека во овој дел на градот имаат ангажирано најголем број полицајци, дел од нив биле во цивил и затоа не се забележливи за јавноста.
За состојбата таму реагираат и членовите на општинскиот Совет.
„Има кражби од минорно значење, мали средства, но чувството дека сте ограбени е лошо. А тоа се повторува. Жителите од таа страна на градот се небезбедни. Од Стоковна натаму, како да сме во зона на самрак. Ние сме како во село без кучиња. Има коли без таблички, возат секојдневно со сомнителен товар“, вели советникот Кирил Гајдов.
П. ПЕЧКОВ