Официјален ветеринар на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврди дека животното кое синоќа беше заловено во скопската населба Козле е волк. Ова следува откако АХБ спроведе вонреден надзор во Зоолошката градина, каде што синоќа беше згрижено заловеното животно.
„Врз основа на искуството во работата со диви животни и спроведениот стручен преглед на физичката градба на заловеното животно и неговото однесување, како и на проверка на други важни факти за утврдување на неговиот вид, од страна на официјалниот ветеринар е потврдено дека станува збор за диво животно од видот волк. Дополнително ќе се утврдува здравствениот статус на заловеното диво животно и ќе се решава за натамошните постапки во врска со него“, соопшти АХБ.
По пријава од загрижени граѓани дека на булеварот Теодосиј Гологанов шета волк, синоќа интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и волкот беше безбедно заловен и однесен во градината.
„Волкот кој беше фатен во Козле бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче“, рекоа од Зоолошката градина.



