Волкот кој синоќа беше фатен во скопската населба Козле бил чуван како домашен миленик и на себе имаше синџир и каивче, велат од Зоолошката градина.
По пријава од загрижени граѓани дека на булеварот Теодосиј Гологанов шета волк, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен и однесен во градината, целат од Зоолошката градина.
„Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Претстојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица. За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување“, велат од Зоолошката градина.
Оттаму апелираат до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, тоа да го пријават до надлежните институции.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека од страна на нивни официјални ветеринари во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина, за да се утврди видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус.
А. АНТЕВСКА



