Благоја Куновски-Доре, еден од најреномираните македонски филмски критичари, доби Златен медал за особен и долгогодишен придонес на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ на вечерашното отворање на фестивалот во Битола. Куновски долги години беше селектор и уметнички директор на „Браќа Манаки“, а медалот му го додели организаторот, Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
„Фестивалите сум ги доживувал како мисионери за поубав, похуман и подостоинсѕвен свет во кој живееме”, рече Доре, додавајќи дека секогаш го исполнувале со многу емоции.
Куновски (1946) беше долгогодишен уредник и филмски критичар во МРТВ, основач е на киното „Фросина“ во скопскиот Младински културен центар (МКЦ) и на Фестивалот на европски филм Синедејс. Член е на Меѓународната федерација на филмски новинари-ФИПРЕСЦИ и беше долгогодишен претседател на Македонската секција на федерацијата.
Медалот му го врачи генералниот секретар на ДФРМ Томи Салковски, по повод 75-годишнината на постоењето на Друштвото.
„Браќа Манаки“ отвора вечерва со македонската премиера на „Мајка“, првиот филм на англиски јазик на Теона Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза, кој минатиот месец ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“ на Венециски филмски фестивал. Фестивалот ќе го затвори наградуваното деби на Георги Унковски „Диџеј Ахмет“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА