ЗОРАН ТОДОРОВ Е ВТОР НЕЗАВИСЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА КОЧАНИ

    ЗОРАН ТОДОРОВ Е ВТОР НЕЗАВИСЕН КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА КОЧАНИТодоров е еден од основачите на ротари-клубот „Кочани-Виница“, Православното здружение на граѓани „Воскресение“ и „Одбор за здрав живот“, а го раководи Центарот за солидарност „Сакам живот во Кочани”. (Фото: Гласно.мк)

    Економистот и граѓански активист Зоран Тодоров (47) е втор независен кандидат за градоначалник на Кочани на претстојните Локални избори, објави тој на Фејсбук. Тодоров е еден од основачите на неколку организации и здруженија, меѓу кои ротари-клубот „Кочани-Виница“, Православното здружение на граѓани „Воскресение“ и „Одбор за здрав живот“. Во моментов го раководи Центарот за солидарност „Сакам живот во Кочани”, објави МИА.

    „Вчера ја поднесов независната кандидатура за градоначалник на Кочани. Некој би рекол ракавицата е фрлена, но јас би рекол раката кон сите во Кочани е подадена. Роден и израснат сум овде, во Кочани – градот што ми ја вгради љубовта кон луѓето, чесноста кон трудот и верата во вистинските вредности. Со моето семејство секој ден го живееме Кочани – не како место на случаен престој, туку како свесен избор“, рече Тодоров.

    На 28 август, в.д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски објави дека ќе се кандидира како независен кандидат за функцијата. Тој дојде на местото на претходниот градоначалник Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, кој си даде оставка на 17 март и е еден од 34-те физички лица обвинети за пожарот во дивата дискотека „Пулс“ на 16 март, кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност. Обвинети се и 3 правни лица за пожарот во дискотеката која работела вон сите законски прописи и стандарди и во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. Истрага се води и против седум полициски службеници од Штип и Кочани.

    Во Кочани се поднесени се и две листи со независни кандидати за советници во општинскиот Совет, од Благица Сабовљевиќ-Стојменова и од другата од Аки Акиов кој актуелен советник.

    Досега, ни ВМРО-ДПМНЕ ниту СДСМ не објавија кандидати за градоначалник на Кочани.

    Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира