Исландските фудбалери добија спектакуларен дочек на враќање од Европското првенство во Франција со илјадници навивачи излезени на улиците во Рејкавик да го прослават успехот на својата репрезентација.
Исланд замина на турнирот во Франција како најмала нација, со популација од 330.000 жители, но успеа да ја помине првата фаза и да се пласира помеѓу осумте најдобри тимови во Европа.
Пред да загубат од домаќинот Франција во четврт-финалето, исландските фудбалери ги испратија Вејн Руни, Хари Кејн, Џејми Варди и останатите англиски ѕвезди дома. Селекторот Ларс Лагербек не можеше да го крие воодушевувањето од дочекот во Рејкјавик.
„Ова е апсолутно фантастично. Јасно ми беше што не чека кога ќе се вратиме од Франција, но сега кога видов дека цел пат од Кефлавик до Рејкјавик имаше луѓе на патот, не ми се веруваше. Навивачите беа фантастични и во Франција и мислам дека сега сите имаат позитивен впечаток за Исланд и за Исланѓаните“, кажа Швеѓанецот.
Фудбалерите и стручниот штаб се возеа низ исландската престолнина во отворен автобус, а парадата заврши со голема прослава на брдото Арнархол.