В сабота во Исланд ќе се одржат претседателски избори, на кои треба да биде избран наследникот на Олафур Рагнар Гримсон, кој се повлекува по 20 години на функцијата.
Исландскиот конзулат во Париз мораше да организира авион за да ги донесе гласачките ливчиња за фудбалерите, коишто настапуваат на Европското првенство во Франција и неочекувано се пласираа во осминафиналето. Откако ќе гласаат фудбалерите, ливчињата повторно со авион ќе бидат вратени во Исланд за да бидат преброени.
Дури и така, одзивот в сабота се очекува да биде помал од вообичаеното, бидејќи речиси 15 отсто од населението се наоѓа во Франција за да ги следи натпреварите на фудбалската репрезентација. Исланд в понеделник ќе игра со Англија во Ница, па гласачките ливчиња не им се баш приоритет на навивачите.
Исланд, со популација од 330.000 жители, е најмала земја учесничка во историјата на европските првенства во фудбал, но тоа не ги спречи исландските репрезентативци дa го освојат второто место во групата Ф и тоа без пораз.