Голманот на шпанската репрезентација Давид де Хеа е вмешан во полициска истрага за малолетничка проституција и нелегална порнографија.
Според извештаите во шпанските медиуми, една од жртвите, сега заштитен сведок во случајот против режисерот на порно филмови Игнасио Алјенде, открила дека фудбалерот на Манчестер јунајтед ја поврзал со уште една малолетна девојка и двајца младински репрезентативци.
Режисерот Алјенде беше уапсен во април и се уште е во притвор по обвинението дека посредувал при проституција и во своите филмови користел малолетнички. Заштитениот сведок тврди дека била сексуално злоставувана од двајца фудбалери во 2012 година во хотел со пет ѕвездички во Мадрид. Еден од фудбалерите е напаѓачот на Атлетик Билбао Икер Мунијан, а другиот се уште не е идентификуван. Таа тврди дека средбата во хотелот била договорена од Де Хеа и Алјенде.
Шпанскиот весник „Ел Диарио“ објави дека истражителите сериозно го сфаќаат нејзиното сведоштво и ја отфрлиле можноста да има финансиски мотиви.
Де Хеа се наоѓа во Франција со шпанската репрезентација за Европското првенство и на прес-конференција ги нарече обвинувањата „голема лага“ и кажа дека случајот ќе го предаде на неговите адвокати. Шпанија го игра првиот меч на ЕП на 13 јуни против Чешка.