Абдел Исауи, редарот кој за малку ќе настрадаше за време на фудбалскиот натпревар помеѓу Хрватска и Чешка на Европското првенство во Франција, ќе добие хрватски дрес со неговото презиме, потпишан од сите хрватски репрезентативци.
Натпреварот во Сен Етјен, одигран на 17 јуни, беше во прекин неколку минути, откако хрватски хулигани фрлија факели на теренот и еден од нив го погоди Исауи. Францускиот редар, за среќа, помина без потешки повреди, а Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) беше казнет со 100.000 евра од УЕФА за инцидентот.
„Многу ни е жал што дојде до таква ситуација и на овој начин му се извинуваме на господинот Исауи поради однесувањето на хулиганите, кои не се навивачи на хрватската репрезентација. Се надевам дека дресот ќе му бид убав спомен на господинот Исауи и нема да го памети Европското првенство по несреќниот инцидент“, изјави Давор Шукер, претседателот на ХНС.
Хрватска вечерва (21 часот) игра со Португалија во осминафиналето на Европското првенство во Франција.