УЕФА ги предупреди фудбалските федерации на Англија и Русија дека се соочуваат со исклучување од Европското првенство во Франција, ако се повторат инцидентите од изминатите два дена.
Вчера и завчера во Марсеј имаше тепачки помеѓу англиските и руските навивачи на улиците на Марсеј, но и на стадионот „Велодром“, кадешто двете репрезентации одиграа 1:1 во натпреварот од првото коло на групата Б.
УЕФА денеска првин отвори дисциплинска постапка против Руската фудбалска федерација поради однесувањето на нивните навивачи за време на натпреварот, но потоа објави соопштение во кое им порачува на двете федерации да ги смират своите навивачи.
„За ваквото однесување на таканаречените навивачи на репрезентациите на Русија и Англија нема место во фудбалот, спорт што мораме да го заштитиме и браниме. Извршниот комитет на УЕФА ги предупреди двете фудбалски федерации дека, без разлика на одлуките на независните дисциплински тела во врска со инцидентите на стадионот, нема да се двоуми да ги санкционира Англиската фудбалска асоцијација (ФА) и Руската фудбалска унија (РФУ), вклучувајќи и потенцијално исклучување на нивните тимови од турнирот, ако повторно се случи насилство. Ги повикуваме ФА и РФУ да апелираат до нивните навивачи да се однесуваат на одговорен и пристоен начин“, соопшти УЕФА.
Полицијата во Марсеј соопшти дека 35 лица се повредени за време на тепачките помеѓу руските и англиските навивачи, а има и уапсени. Лицето што беше во критична состојба сега е стабилно.
Двете федерации ќе го имаат следниот тест веќе в среда и четврток, кога Русија ќе игра во Лил, а Англија во Ленс. Двата града на северот на Франција се оддалечени само 20 километри.