Презентирањето на извештајот за теренската проверка на спорните гласачи во ДИК, поминува во бурна расправа меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Тие поинаку ги толкуваат бројките од пополнетите и внесени прашалници од теренската проверка на 87.352 гласачи.
Според Игор Милев, член на СДСМ во ДИК, многу од прашањата во анкетните листови се неодговорени и за нив треба да се направат дополнителни вкрстени проверки.
– Лицата што беа анкетари се несоодветни за таа работа, а досега немаме извештај и за тоа кој сè ги внесувал податоците во системот на Државната изборна комисија. Биле ангажирани лица од различни институции, кои немаат потпишано документ за неиздавање тајни податоци – рече Милев.
На неговото изложување, реплицираше Силвана Бонева, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека генералниот секретар бил задолжен за лицата што ги внесувале податоците.
– Сите знаете дека беа склучени договори со вработени во Министерството за информатичко општество и администрација, кои ги внесуваа податоците. Ако се сомневате дека генералниот секретар не ја завршил работата како што треба, требаше на работен состанок уште еднаш да ги провериме тие лица – изјави Бонева.
Седницата на ДИК сè уште трае, а од она што досега е истакнато од членовите, од 87.352 анкетни листа недостигаат 282 прашалника.
Членовите на ДИК од СДСМ оспоруваат и повеќе од 15.000 прашалници кои, според нив, се спорни врз основа на тоа дека повеќе од 20 гласачи живеат во иста куќа и други повеќе од 17.000 прашалници на гласачи кои ги има само во една база што беше проверувана од ДИК.