Државната изборна комисија (ДИК) синоќа едногласно го усвои извештајот за податоците од регистарот на државјани (лица со македонски пасош) на Министерството за внатрешни работи (МВР), според кој Македонија има 1.958.844 полнолетни државјани и 505.422 малолетни државјани или, вкупно, 2.464.266 државјани.
Инаку, ако денеска до полноќ, кога истекува последниот рок за доставување листи на кандидати за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК), не пристигне ниту една кандидатска листа, Комисијата има само една можност – да ја констатира таквата состојбата.
Како што велат за „Мета“ од ДИК, тоа е новонастаната состојба, која не е предвидена во Изборниот законик. Оттаму брифираат дека доколку се реализира ова сценарио, ќе се констатира состојбата, со забелешка дека не може да се одржат избори без кандидати за пратеници, по што топката се префрла во рацете на Собранието на Република Македонија.
Сепак, од ДИК велат дека вообичаено е партиите да ги достават кандидатските листи во последен миг или буквално пет минути пред полноќ.
Засега, ВМРО-ДПМНЕ сè уште официјално стои на ставот изборите да се одржат на 5 јуни, СДСМ нема да учествува доколку изборите се одржат, а ДУИ и ДПА официјално не се изјасниле, но ако се суди според последните постапки, тие нема да достават кандидатски листи за пратеници до ДИК.