Анкетарите од Државната изборна комисија, на теренска проверка ќе одат со прашалници со точно име, презиме, матичен број и адреса на лицето кое се проверува.
Анкетите почнуваат утре и ќе завршат на први април. За спорните гласачи кои ќе се потврдат и при анкетирањето, ДИК ќе се обрати до Министерството за внатрешни работи и до Управата за водење матични книги, кои ќе треба многу брзо да реагираат и на ДИК возвратно да и подготват правна основа, за евентуална процедура за бришење на гласачи од Избирачкиот список, или за впишување нови, зависно од каква природа е констатираната неправилност, рече денеска претседателот на ДИК Александар Чи;аковски.
За испитаниците кои нема да бидат најдени дома, анкетарот или зема податоци од блиско лице, но само за природата на неговото отсуство (од таа адреса, или од Македонија), или се враќа утредента повторно да го бара. Ако нема никој, анкетарот му остава соопштение, го повикува да дојде во подрачната единица на ДИК. Ако не дојде, за ДИК тоа лице ќе се смета за информирано и понатаму ќе се обработува.
Практично, Чичаковски тврди дека ќе се проверуваат сите впишани гласачи од Избирачкиот список. Со вкрстените проверки, дојдено е до 1.500.000 избирачи со кристално чисто гласачко право.
Од околу 300.000 сомнителни гласачи, за кои тече проверка во МВР и во Управата за водење матични книги (Министерство за правда), најсомнителни се 89.383 записи, а тоа се лица кои ги нема во ниедна историска база на институциите, туку само во МВР. Меѓу нив се лицата со сомнително издадени лични карти, лицата што живеат во станови на иста адреса со по 25, 40 и повеќе гласачи, но и оние кои за првпат во избирачкиот список се појавуваат непосредно пред изборите во 2011 година, вели Чичаковски.
Нема да се проверуваат воопшто само гласачите во селата без уличен систем, впишани на една улица, без броеви на живеалиштата. Тие не можеле да се проверат ни преку вкрстувањето. Овие лица остануваат со право на глас.
Нема да се проверуваат ни 124.000 гласачи од списокот кои се на привремена работа во странство. За нив ќе има посебни списоци. Едниот ќе биде за оние кои ќе се пријават во конзуларните претставништва во странство, а другиот ќе биде во Македонија, за оние гастербајтери кои ќе одлучат тука да дојдат да гласаат. Тие што ќе се пријават за гласање во странство, нема да може да се премислат и на денот на изборите да кажат дека сакаат, всушност да гласаат во Македонија. Тоа е заштитниот механизам нивното неспорно право на глас да се злоупотреби, објасни претседателот на ДИК.