Повеќе од 150 бегалци од Косово осумнаесет години живеат во Македонија без решен правен статус, потсети денес Народниот правобранител, Иџет Мемети. Живеат во тешки услови, без средства за егзистенција, без здравствена заштита, без можност за добивање матични броеви за нивните деца и без можност за остварување на какви било други права.
„Секторот за азил им издава документ со кој лицето е во фаза на суспендирано враќање. Овој документ поради бојата е наречен ’жолт картон’ со кој на лицата им се одложува враќањето во матичната земја, а со што истовремено и им се ограничува пристапот и остварувањето на сите права во Македонија, иако станува збор за лица кои треба да уживаат меѓународна заштита. Народниот правобранител не успеа да добие одговор врз основа на што им се издава таков документ, кога нашиот правен систем не признава таква работа. Ако е израз на волја, во најмала рака, истата требало да се озакони, во тој случај во прашање е владеење на право“, рече омбудсманот Иџет Мемети укажувајќи дека го пронашле писмото од 1 септември, 2010 година пратен до комесарот за човекови права Хамамберг во Стразбур со кој се изразува волја, која седум години не се преточува во правна норма за овие лица да имаат права.
Поради состојбата во која се заглавени 18 години, бегалците од Косово побарале заштита од Народниот правобранител, од каде пак ги истражуваат сите случаи и ги констатираат проблемите со кои се соочуваат.
„Лицето И.Б. како 13-годишно дете заедно со семејството (татко, мајка, три сестри и двајца браќа) во 1999 бега од Косово во Македонија. По доаѓањето прво имала статус на лице со хуманитарен третман, потоа лице под супсидијална заштита, а веќе 6 години, од 2011, е лице исклучено од секакви права. Таа не ја напуштила Македонија. Доделен ѝ е социјален стан во кој престојува како самохрана мајка на четири деца, родени тука и има поднесено барање за државјанство, но иако таа смета дека има цврста врска со Македонија, нејзиното барање е одбиено. Управниот суд двапати одлучува во корист на оваа самохрана мајка, ја прифаќа тужбата која ја поднела и предметот го враќа на повторно разгледување, а третиот пат, во октомври 2016, и Управниот суд се предава и без образложение ја одбива тужбата како неоснована“, рече омбудсманот Мемети.
Самохраната мајка, појасни омбудсманот, во Косово нема каде да се врати оти е дојдена како 13- годишно дете и смета дека со Македонија е посебно поврзана поради тоа што нејзината мајка, по потекло е токму од Македонија. Нејзините браќа и сестри имаат државјанство, но нејзиното барање е одбиено со изговор дека претставува безбедносен ризик за Македонија. Две од децата добиле матични броеви, но другите две ја следат статусот на мајката и не им се издаваат матични броеви.
За нејзе, како и за останатите над 150 луѓе со иста судбина, омбудсманот предлага решение.
„Сметам дека решение на нивниот проблем е издавање времен матичен број. Тоа го предложивме и добивме одговор дека законот не го признава ваквиот начин на издавање документи. Но државата е таа која треба да го прилагоди законот, да го препознае проблемот и да најде решение“, рече Мемети.
Најголем проблем на бегалците им е природниот прираст, и неможноста да ги пријават децата.
Слична судбина како нивната, омбудсманот вели дека имаат и околу 800-1.000 Роми. И тие немаат матични броеви и немаат можност да си ги остварат правата.
Народниот правобранител најави дека ќе ги истражува овие случаи сѐ до конечно разјаснување, а работи и на случајо т на прогонот на бегалците од Транзитниот центар во Куманово под изговор за наводна реадмисија.