НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ОТИ НЕМА СПУШТЕНИ ТРОТОАРИ ВО КУМАНОВО

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ОТИ НЕМА СПУШТЕНИ ТРОТОАРИ ВО КУМАНОВОНародниот правобранител веќе разговарал со надлежните кои го признале недостатокот. (Фото: СДК.МК)

    Народниот правобранител од Куманово по сопствена иницијатива отвори предмет за случајот со прекршување на правата на лицата со попреченост, бидејќи во градот нема тротоари со спуштен рабник за да се движат со инвалидска количка. Омбудсманот веќе извршил проверка на лице место при што заклучил дека наводите на граѓаните во текстот на САКАМДАКАЖАМ се точни и постои прекршување на правата.

    „Неколку дена по вашиот напис, лично излегов на терен и ги прошетав сите улици во градот и за жал ја констатирав вистината од вашиот текст. Речиси во целиот град нема спуштени тротоари за движење со инвалидска количка. Во разговор со граѓаните ми беше речено дека тоа не е од вчера, дека таа појава се провлекува со години. Луѓето повеќепати се обраќале до Општина Куманово, меѓутоа надлежните не преземале ништо. Имајќи ја фактичката состојба во градот, ние покренавме постапка по сопствена иницијатива и составив службена белешка, бидејќи се работи за непочитување на правата на поголем број на граѓани“, изјави Насер Весељи, заменик Народен правобранител во канцеларијата во Куманово.

    Весељи утврдил дека рабници нема ни најчувствителните точки во градот, како што се Општата Болница, јавните установи и институции каде граѓаните со колички највеќе се движат и имаат потреба да ги остварат своите потреби.

    „И малиот број на што ги има, на неколку места, некако се импровизирани, па не ми е јасно дали граѓаните сами ги правеле или општината, бидејќи не се соодветни. Интересно што наидовме и на друг проблем, а тое е дека граѓаните се жалат дека со години по улиците нема пешачки премини, не само на периферијата туку и на улици во градското подрачје, кои се главни артерии во градот, поради што им е загрозена безбедноста во сообраќајот“, додава Весељи.

    Народниот правобранител веќе разговарал со надлежните кои го признале недостатокот, а писмено ќе се обрати до Секторот за урбанизам, Кабинетот на градоначалникот и Советот на Општина Куманово, да донесат одлука за решавање на проблемот со спуштените тротоари, бидејќи смета дека тоа не е прескапа инвестиција која Општината не може да ја покрие.
    Во Куманово околу 700 инвалидизирани лица користат количка како помошно средство за движење и секојдневно се соочуваат со големи проблеми, бидејќи градската инфраструктурата не е прилагодена на нивните потреби.

    „Во Куманово буквално нема ниту еден спуштен тротоар. Нема на плоштадот, ниту пред општината. Јас морам да се движам на улица и само се надевам дека некој нема да ме згази. Поминуваат покрај мене возила на 5-10 сантиметри со голема брзина. Потребата за движење е основното човеково право и затоа не можам да си дозволам да седам дома, да бидам на некој начин во притвор, затоа што општеството не создало услови за мое непречено движење. Тоа е законска обврска на државата. Ние сме дискриминирани и сами се бориме за елементарно право, бидејќи нашиот избор е нормално да живееме, наместо да седиме затворени дома“, вели Драган Спасовски, кој боледува од мултипла склероза и се движи со инвалидска количка.
    Општина Куманово, пред два месеци информираше дека во текот на годината ќе започнат со активности за изведба на повеќе спуштени рабници.

    „Приоритет ќе имаат улиците во централно градско подрачје и делот покрај основните и средните училишта. Во делот на изведба на нови проекти и реконструирање на постојните, ќе се применува правилник за обезбедување непречен пристап, движење и престој на лица со инвалидност“, одговорија тогаш од Општината.
    Проблемот со спуштените тротоари на пешачките премини на улиците и пред институциите е и проблем за движење на мајките со колички, постарите лица со бастун, слепите лица и другите лица кои имаат проблем при движењето.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари