Родителите што се разведуваат или веќе се разведени во Македонија вообичаено се во тежок конфликт, Законот за семејство е недоречен, нема кој да ги седне родителите да се договорат за заедничко родителско право и обврски кон детето. Со оваа констатација Народниот правобранител, Граѓанската иницијатива за заедничко родителство и Меѓаши ја почнаа Националната конференција за воведување на заедничко родителство по развод и влијанието на овој концепт врз остварувањето на правото на детето.
„Најголемиот број претставки доставени до Народниот правобранител од оваа област се токму за заштита на правото на лични односи и непосредни контакти. Во последниве години, за разлика од порано, во нашата канцеларија се обраќаат и децата, барајќи совет и помош, плашејќи се дека по разделбата, родителите нема да ги сакаат или да се грижат за нив како порано, а во неколку случаи децата бараа помош да воспостават контакти со свои браќа или сестри, кои живеат со другиот родител”, рече Заменик -народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа.
Пред Омбудсманот, рече таа, претставки поднесуваат и родители против Центрите за социјална работа, незадоволни од нивната стручност и објективност за вакви проблеми кои настануваат по разводот.
Во интерес на детето е тоа да одржува контакти со обата родитела по нивната разделба, за што од оваа конференција, како што најавија Бајрамовска – Мустафа, Драги Змијанац од Меѓаши и Наум Рибароски, ќе произлезе иницијатива и готови предлози за измена на Законот за семејство.
С. К. ДЕЛЕВСКА