ДАРУВАЊЕТО ОРГАНИ Е ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН ДА СТАНЕМЕ БЕСМРТНИ – ПОДКАСТ СО Д-Р МАЈА МОЈСОВА-МИЈОВСКА, НАЦИОНАЛНА КООРДИНАТОРКА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА

    ДАРУВАЊЕТО ОРГАНИ Е ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН ДА СТАНЕМЕ БЕСМРТНИ – ПОДКАСТ СО Д-Р МАЈА МОЈСОВА-МИЈОВСКА, НАЦИОНАЛНА КООРДИНАТОРКА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА

    Дарувањето органи е можеби единствен начин да станеме бесмртни, оти органите на починатиот продолжуваат да живеат во телото на друг човек, вели проф. д-р Маја Мојсова-Мијовска, Национална координаторка за трансплантација, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК. Таа инсистира дека органодарителството и трансплантацијата мора да остане целосно аполитично, зашто станува збор за државна, а не владина стратегија за развој на оваа дејност.

    Подкастот можете да го гледате на Јутјуб каналот на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Д-р Мојсова-Мијовска, која е една од зачетниците на трансплантација од починат дарител што првпат се изведе во 2014, точно се сеќава кога за првпат предложила органодарителство на семејство на пациент со мозочна смрт.

    „На 14 февруари 2014, жена падна со мозочна смрт. Таа имаше 7 деца и беше многу комплицирано да се добие поддршката оти треба 2/3 од членовите да одобрат дарување на органите. Тогаш немаше кампања, никој не говореше за тоа, беше страшно да пријдеш на семејствата со таква идеја после докажување мозочна смрт. Во овој случај пресвртот го направи ќерката од Шведска, која и самата таму имала дадено согласност да биде дарител во Шведска. Во тоа време беше возможно да се трансплантираат само бубрези. Јас бев болнички коодинатор, на ниво на клиниките, и бевме само двајца доктори анестезиолози. Никој нема да ја победи смртта, за жал, човечкиот живот има век и сметам дека треба отворено да се говори за ова. Не мислам дека е нешто страшно да проговориме додека сме живи за тоа што ќе се случи откако ќе го напуштиме овој свет“, вели таа и додава дека нема унифициран пристап кон семејствата кога се сугерира органодаритество.

    „Јас се залагам за отвореност кон семејствата и во однос на претходната состојба, мора да сме транспарентни, мора да знаат дека се сомневаме на мозочна смрт и ги правиме сите испитувања, треба вистината секогаш да се кажува. Таа транспарентност им дава на семејствата доверба во лекувањето, што е многу важно оти ако нема доверба во лекувањето ќе нема доверба и во дарувањето“, вели д-р Мојсова-Мијовска, која во 2018 беше назначена за Национална координаторка за трансплантација, а вториот мандат ѝ завршува во 2026.

    Таа смета дека клучно во целиот процес на трансплантацијата е емоцијата.

    „Нема да го заборавам првото семејство кое го даруваше срцето, тогаш седевме сите заедно со нив и плачевме. Тие седеа на терасата и одлучуваа, нивниот разговор беше многу емотивен, а децата кои иако полнолетни, сепак не беа ни толку возрасни, а имаа исклучително рационални расудувања и донесоа зрела одлука. Даруваат благородни семејства и тоа нема никаква врска ни со ниво на едукација ни со завршени факултети, тие се добри семејства кои носат една човечка љубов во себе. Тие семејства носат стварно тешка одлука и тоа е стварно за голема почит, а јас им благодарам во име на примателите. За сите нас што сме професионално вклучени во тој процес, таа можост за квалитетен живот што ќе ја има пациентот со трансплантираниот орган е најголемата мотивација“.

    „Плачев на првата трансплантација на црн дроб“, вели  д-р Мојсова-Мијовска, која беше дел од тимот на д-р Зоран Караџов од Клиниката за гастроентерохепатологија, на 24 ноември 2022. (Фото: Министерство за здравство)

    Од 2020 до март годинава, во Македонија се трансплантирани вкупно 77 органи од починат дарител, од кои 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива. Тоа е огромен исчекор за мала земја, но иако тоа го признаа и во Европската комисија за трансплантација и органодарителство и во Светската здравствена организација (СЗО), д-р Мојсова-Мијовска смета дека тоа не допре до високите политички кругови, затоа што, како што вели, за да се развива понатаму трансплантацијата на стабилни нозе треба уште многу да се работи.

    „Треба да имаме голема подршка од државата за да воспоствиме стабилен систем па после само да го доразвиваме. Има формални иницијативи за тоа од нас како професионалци во моите извештаи, како и од Европската комисија за трансплантација и органодарителство. Треба да постои институција, буџетски независна, или барем сектор во постоечко министерство, која ќе се бави со проблематиката на супстанции од човечко потекло – тука влегува и крвта, органи и матични клетки… Па во рамки на таа институција да се направи инспекторат што ќе ги испитува органите, оти мора да внимаваме што ќе пренесеме кај примателот. Значи мора да има структура, оти не можам јас да бидам и судија и поротник и бранител и обвинител. Таа потреба за систем е укажана во сите европски извештаи, а го пишува и во моите извештаи, но за жал, јас досега не сум видела некаква иницијатива за тоа“, вели д-р Мојсова-Мијовска и додава:

    „Органодарителството и трансплантациата е државна стратегија според новите насоки што ги работевме минатата година. Значи, државна стратегија, не владина. Државата треба да се грижи за трансплантацијата без разлика на промени во власта. Државата е таа што треба да направи план за развитокот и да го следи и држи под контрола за да нема трговија со органи, на пример“.

    Таа смета и дека трансплантацијата и органодарителттвото кај нас се во зародиш и веќе треба да се стави во курикулумите како предмет на студентите по медицина, па дури и во средно медицинско, за со време да се образува кадар кој сега недостига, но и дека мора државата да создаде систем на валоризирање на трудот и екстра трудот на медицинските тимови за трансплантација.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира