ЕВРОПСКИОТ ЕЛЕН Е ГОРДОСТ НА ГАЛИЧИЦА, ВЕЛАТ РЕНЏЕРИТЕ ЧУВАРИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК

    ЕВРОПСКИОТ ЕЛЕН Е ГОРДОСТ НА ГАЛИЧИЦА, ВЕЛАТ РЕНЏЕРИТЕ ЧУВАРИ НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРКЕвропскиот елен се врати во Националниот Парк Галичица во 2019 година по неколку децении пауза, кога речиси беше доведен до истребување. (Фото: СДК.МК)

    Чистиот планински воздух и прекрасната снежна глетка на надморска височина од 1600 метри на локалитетот „Косто Бачило“ во Националниот парк Галичица ја надополнуваат моќта и убавината на природното богатство со кое изобилува оваа планина. Од Галичица има импресивен поглед но и амбиент кој ве прави да се чувствате добредојдено и восхитено.

    Се искачивме од страната на Стење, село во Општина Ресен вгнездено во источното подножје на планината Галичица. За време на патувањето по ново- направениот планински пат, Галичица не плени со сета своја раскош. Поради снегот патувањето до Центарот за репродукција го продолживме со специјално теренско возило за движење по снег.

    Репродуктивниот центар е место каде живее Европскиот елен кој со својот оригинален и привлечен изглед го носи епитетот „Крал на шумите“. Тој е вистинска атракција на Галичица.

    Европскиот елен се врати во Националниот Парк Галичица во 2019 година по неколку децении пауза, кога речиси беше доведен до истребување. Репро-центарот е опремен со модерна инфраструктура карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници. 90-те хектари се оградени со две и пол метарската жичена ограда која ги штити елените од опасностите од дивиот и суров свет.

    Националниот парк Галичица е прогласен во далечната 1958 година и оттогаш до ден денес функционира службата за заштита или таканаречената ренџерска служба која има за цел да врши заштита на природата и природните вредности во Националниот парк. (Фото: СДК.МК)

    Во тој безбеден за нив простор елените развиле совршено чувство кога треба да дојдат до местото за прихрана но и страв при најмал шум да избегаат. Иако изгледаат ненаметливо тие пленат со својата убавина, па погледот тешко можете да го одвоите од нив.

    Моментално стадото во оградениот простор во Репродуктивниот центар брои 100 единки.

    Во објектот за складирање има кабаста и зрнеста храна доволна за цела година. Ренџерите секојдневно ставаат храна во хранилките.

    Александар Гугоски, најмладиот ренџер во заштитените подрачја во државата е голем љубител на планината, но и повеќе од тоа. Вели дека денот работно му почнува од 7 часот наутро но никогаш не се знае кога завршува. Со огромна гордост Александар раскажа дека работи со љубов а елените ги сака поради нивната нагласена убавина и недоверливоста кон сè што е непознато во нивната околина.

    „Во периодот од седум часот до осум имаме координативен состанок со раководителите, добивање задачи по што следи заминување на терен. Секој ренџер го знае времето на почеток на неговото работно време, но не го знае и крајот. За мене работата како чувар или ренџер во Националниот парк претставува обврска и приоритет за заштита и подигнување на едно високо ниво на заштитата на нашите предели. Секој ден на секој ренџер е различен, динамичен. Ние се соочуваме со разни предизвици. Всушност кога ќе заминеме на терен не знаеме што нас не очекува, но сме спремни да одговориме на секој предизвик“, раскажува Александар.

    Националниот парк Галичица е прогласен во далечната 1958 година и оттогаш до ден денес функционира службата за заштита или таканаречената ренџерска служба која има за цел да врши заштита на природата и природните вредности во Националниот парк.

    „Јас и моите колеги ренџери сме поделени во неколку реони со цел да вршиме заштита на природата од противправни дејствија како што се дрвокрадство, ловокрадство, узурпација на државно земјиште, дивоградби кои во поново време се позачестени, отуѓување на минерали од границите на Националниот парк како и заштита од собирање на билки“, вели Александар.

    Репро-центарот е ограден со две и полметарската жичена ограда која ги штити елените од опасностите од дивиот и суров свет. (Фото: СДК.МК)

    Ренџерската служба врши и контрола на посетителите кои доаѓаат во границите на Националниот парк и е во постојан контакт со локалното население кое, како што вели Александар, се партнер во работењето на Националниот парк.

    Лазе Ужановски, одговорен на реон на Преспанска страна и Репро-центарот за Европски елен како ренџер работи долги години. Ги познава сите карактеристики на ова животно за кое вели дека е фасциниран од неговото достоинство и грациозност.

    Елените како да се навикнале на него. Тој е еден од ретките кој воспоставил таков однос со нив, да може за миг да им се приближи. Вели дека ги чувствува како свои. Со посебен пристап им даде знак дека можат да дојдат до хранилките кои претходно се исчистија од снегот и се наполнија со дневната доза храна. Неговото искуство ни даде за право да кажеме дека тој е најповикан да не однесе на пределот каде има локва за вода, место каде елените ја гасат својата жед во планинскиот предел.

    „Четврта година по ред тука се одгледува Европскиот елен. Започнавме со 24 женки и 6 мажјаци. Во моментов имаме околу 100 единки а очекуваме и оваа година да имаме принова, односно околу 50 млади елени и ќе постигнеме бројка од 150. Планираме за оваа година дел да се пуштат во природа“ , вели Лазе.

    Ренџерската служба секојдневно е во посета на репро-центарот каде ги извршува потребните активности. Покрај прихраната на елените се прави и проверка на оградата поради нивната благосостојба и безбедност а поставен е и систем на камери кој детектира движење а доколку има автоматски се испраќаат фотографии по е-пошта до вработените.

    „Имаме заградена површина од 86 хектари оградена со дрвени колци, метална ограда која изнесува околу 5 километри. Секој ден ни почнува со прихрана на елените со житарици и дел сува трева, сено. Поради временските услови мора да се грижиме повеќе за нив поради тоа што нема доволно храна во природа па ние со наша храна, складирана од претходната година, ја извршуваме прихраната. Во Репро-центаров имаме и надворешни, од дивина мажјаци кои се влезени во време на парење и кои и ден денеска се тука. Секоја женка возрасна раѓа по едно младенче а дел имаме кои раѓаат по две младенчиња. Триесет од женките и два-три мажјаци ќе останат а другите ќе ги пуштиме на слобода, во природа“, рече Лазе.

    Александар Гугоски, најмладиот ренџер во заштитените подрачја во државата. (Фото: СДК.МК)

    Приоритет за ренџерската служба е формирање на првата Ренџерска Асоцијација во државата за вмрежување на сите чуварски служби од заштитените подрачја на четирите Национални паркови како и Паркот на природата во Езерани.

    „Со тоа формирање на Ренџерска Асоцијација ние би се кандидирале за членови на Европската ренџерска федерација од каде ќе имаме огромен бенефит со цел да го надоградиме нашето знаење, да добиваме обуки, да вршиме размена на ренџери. Исто така сметам дека учеството во Европската ренџерска асоцијација би значело огромен придонес за развојот на туризмот и запознавање на нашите предели во нашата држава со останатите земји членки кои се во таа федерација од Европа па и светот“, изјави најмладиот ренџер Александар, еден од иницијаторите за формирање на Ренџерската Асоцијација.

    Ренџерите ни раскажаа дека главните цели од реинтродукцијата на овој вид се заштита на биодиверзитетот преку активно управување на високопланинските пасишта, заштита на пејсажните и пределските вредности, намалување на ризикот од пожари, подобрување на атрактивноста на Националниот парк Галичица и едукативна функција.

    Според карактеристиките на Европскиот елен мажјаците имаат силно развиени рогови. Женките се собираат во крда кои ги предводи доминантна женка. Живеат во листопадни шуми и планински предели, а како тревопасни животни најчесто пасат на шумските ливади и ги брстат лисјата од дрвјата и грмушките.

    На заминување ренџерите ги направија сите потребни проверки за да бидат сигурни дека елените се безбедни да ја поминат ноќта во Центарот до следното утро кога повторно ќе дојдат за да им дадат прихрана.

    Исполнети со сè она што го видовме и почувствувавме таму, ја напуштивме живописната Галичица која мами со својата велелепност и убавина оставајќи ги елените во нивниот безбеден свет.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира