Актери од повеќе генерации на Драмскиот театар од Скопје, министри и градоначалници беа гости на вчерашното одбележување на 80 години од основањето на Театарот. Драмски го прослави јубилејот со праизведба на текстот „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски.

Марија Пупучевска, Горан Трајкоски, Валентин Светозарев, Дејан Пројковски и Венко Андоновски. (Фото: Драмски театар)
„На денешен ден, пред точно 80 години, на сцената на тогашниот Македонски народен театар, по формирањето на куклената сцена, е одржана премиерата на претставата ‘Силјан Штркот’, работена по мотиви на Марко Цепенков, а во режија на Петре Прличко. Ова е претставата од која денешниот национален Драмски театар – Скопје ги влече своите почетоци. Од 1946 до 1949 година, опстојува како Куклена сцена при МНТ, а во 1949 година прераснува во самостојна установа со називот Градски куклен театар во тогашната Женска гимназија. 1958 е клучна година кога на сцената, покрај куклите, почнуваат да настапуваат и живи актери. Театарот го добива името Младинско-детски театар. Во 1965 година, Театарот се вселува во сегашниот објект во населбата Карпош 2 и го добива името Драмско-младински детски театар, а во 1967 институцијата официјално станува Драмски театар Скопје“, рече директорот Роберт Вељановски.
Првата премиера во објектот каде е денес Драмски театар, била „Богомилска балада“ од Милан Ѓурчинов и Илија Зафировски, во режија на Тодорка Кондова-Зафировска. Драматизацијата е според романот на Владо Малески, „Она што беше небо“. Тодорка Кондова-Зафировска, која почина во 2003, беше и првата високообразувана, дипломирана режисерка во современиот македонски театар – дипломирала 1952 на Академија за театарска уметност – Белград, во првата генерација од основањето на сегашниот белградски ФДУ. Театарската, радио и ТВ режисерка, глумица и професорка Кондова-Зафировска беше првека и со улогата во првата претстава на мaкедонски јазик во 1945 во МНТво „Платон Кречет“, со првата режија во МНТ во 1956 со „Домот на Бернарда Алба“ од Лорка, прва жена доцент, а потоа и професорка на ФДУ-Скопје од 1976-1982, кога оди во пензија и авторка на првиот учебник за глума „Актерско мајсторство“ во 1983.
„Мачкина глава“ е 213-та премиера во Драмски од осамостојувањето до денес, или 461-ва премиера во 80-годишниот театарски живот. Играат Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Марија Пупучевска, скулптор е Ангел Петровски, музиката на Горан Трајкоски.

Долгогодишниот директор на Театарот за деца и младинци Љубомир Чадиковски и актерот Благој Чоревски. (Фото: К. Попов)

Вељановски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со сопругата. (Фото: К. Попов)

Државната секретарка во Министерството за култура Марија Ѓоргова и министерката за образование и наука Весна Јаневска. (Фото: К. Попов)
Б. НЕСТОРОСКА
















