МАКЕДОНИЈА Е МЕТА НА ХИБРИДЕН НАПАД, НЕ Е МОЖНО ЗА КРАТКО ВРЕМЕ ДА ИМА ТОЛКУ ТЕШКИ ПОЖАРИ КОИ ЗАГАДУВААТ, ВЕЛИ АНГЕЛОВ

    МАКЕДОНИЈА Е МЕТА НА ХИБРИДЕН НАПАД, НЕ Е МОЖНО ЗА КРАТКО ВРЕМЕ ДА ИМА ТОЛКУ ТЕШКИ ПОЖАРИ КОИ ЗАГАДУВААТ, ВЕЛИ АНГЕЛОВНа терен се ангажирани речиси сите единици на Скопската противпожарна бригада, еден полициски, еден армиски хеликоптер и еден „ер-трактор“ кој дејствува со специјална пена за вакви пожари. (Фото: ДЗС)

    Македонија е мета на хибриден напад, бидејќи за толку кратко време се случија тешки пожари кои предизвикуваат големо загадување на взодухот, рече денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

    Опасен отпад денеска гори во рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, соработник на компанијата „Нула отпад“ која е е овластена за преземање отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Пожарот почна денеска околу 13.30 часот, а густиот црн чад што се издига од пожарот е видлив од повеќе делови на Скопје и од центарот на градот. Здравствените власти уште немаат издадено никакво предупредување за заштита на граѓаните од опасниот чад.

    Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес. Во близина на селото се наоѓаат населените места Маџари, Гоце Делчев, Јурумлери, Горно Лисиче и Долно Лисиче. Мирисот на чад се чувствува и до центарот на Скопје.

    „Според мене се работи за намерно подметнат пожар, не е едноставно да се запали ваков објект. За кратко време имаше пожари на депониите ‘Вардариште’, ‘Дрисла’ и вчера во Шуто Оризари, и денес оваа фабрика. За мотивите, како и за откривање на сторителите работат МВР и останатите служби. Апелирам до сите граѓани на 112 или на кој било друг начин да го пријават секое сомнително поведение“, кажа Ангелов.

    Веднаш по изјавата дека на директорот Ангелов дека станува збор за „хибриден напад врз државата“, САКАМДАКАЖАМ.МК. испрати прашање до Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, дали ќе свика итна седница Советот за безбедност? Исто така, прашање испративме и во Владата, дали и што ќе преземе за одбрана и заштита од нападот?

    Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, кој е и кандидат за градоначалник на Чаир на „Вреди“, додека трае пожарот денеска е во промотивни предизборни активности, според објавите на неговиот официјален фејсбук профил.

    Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) попладнево ги повика сите пратеници во Собранието – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Вреди и сите други политички партии – веднаш да се обединат и да подготват итни измени на Кривичниот законик со кои подметнувањето пожар ќе биде јасно утврдено како кривично дело што ќе се третира како обид за убиство.

    Ангелов рече дека нема повредени лица. Веднаш до нивните објекти се наоѓаат уште два објекта во кои исто така има поголема количина на пластичен отпад кои се делумно зафатени од пожарот. На терен се ангажирани речиси сите единици на Скопската противпожарна бригада, еден полициски, еден армиски хеликоптер и еден „ер-трактор“ кој дејствува со специјална пена за вакви пожари. На помош се викнати и соседните противпожарни единици, да ги сменат пожарникарите кои се ангажирани првично, а кои, како што рече Ангелов се заштитени со маски и специјални боци за кислород.

    Како што предупреди граѓанската инцијатива „Шанса за центар“ на својата официјална фејсбук страница, кога горат литиум-јонски батерии, најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (ХФ), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето ако е во затворен или полузатворен простор. Според Европската агенција за хемикалии (ЕЦХА), ХФ е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај ХФ, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре, како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (ЦО₂), јаглерод моноксид (ЦО), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични.

    Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјали како олово (Пб), кадмиум (Цд), хром (Цр), никел (Ни), бакар (Цу) и цинк (Зн) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително, литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени, зависно од јачината) дури прават и мини експлозии.

    Батериите при складирање пред рециклирање се неутрализираат и има посебни мерки за заштита како и обуки на вработените.

    При вакви пожари треба да се евакуираат сите што се изложени на ХФ-хидроген флуорид.

    Засега нема никаква препорака или известување што да прават жителите на околните населби, како и жителите на Скопје.

    Околу 16.50 часот, Министерството за здравство соопштиа дека „ја следи состојбата со пожарот во скопско Трубарево. Во постојана координација е со сите надлежни институции. Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, а во зависност од натамошниот тек на настаните“.

    Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али кој се наоѓа на самото место кажа дека во 13:38 часот, преку единствениот број за итни повици 112 е пријавен пожар во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира