ОДБЕЛЕЖУВАМЕ СКРОМНО, НО ТОА НЕ ГО НАМАЛУВА ИСТОРИСКОТО ЗНАЧЕЊЕ НА ОВОЈ УСПЕХ, КАЖА ДИМИТРОВ ОТКАКО МАКЕДОНИЈА И ФОРМАЛНО СТАНА ЧЛЕНКА НА НАТО

    ОДБЕЛЕЖУВАМЕ СКРОМНО, НО ТОА НЕ ГО НАМАЛУВА ИСТОРИСКОТО ЗНАЧЕЊЕ НА ОВОЈ УСПЕХ, КАЖА ДИМИТРОВ ОТКАКО МАКЕДОНИЈА И ФОРМАЛНО СТАНА ЧЛЕНКА НА НАТОМинистерот за надворешни работи Никола Димитров и амбасадорката на САД во Скопје Кејт Брнз се поздравуваат по заедничката изјава. (Фото: Јутјуб/принсткрин)

    Денеска преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што и формално станавме 30. земја членка на НАТО.

    По тој повод, беше одржан видеоразговор помеѓу министерот за надворешни работи Никола Димитров и в.д. Помошник секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот Филип Рикер, вршител на работите, а на кој присуствуваше и амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Брнз.

    „Бевме сведоци со амбасадорката на САД на последниот момент, последниот чекор од нашиот пат кон полноправното членство во НАТО, кој почна во 1993 година. Ние практично од денес сме 30. земја членка на НАТО. Членството во НАТО се случува во период кога светот со соочува со КОВИД-19 и затоа имаме една ваква поприземна, поскромна церемонија, но тоа не го намалува историското значење на овој успех. На 2 април ќе ја имам честа да бидам прв министер на Република Северна Македонија на министерски состанок на НАТО кој ќе се одржи преку видеоконференциска врска. Од денеска и формално ги имаме САД како сојузник, како и уште 28 други членки. Никогаш веќе нема да бидеме сами“, изјави Димитров по разговорот со Рикер.

    Претходно, се обрати и претседателот Стево Пендаровски.

    „Иако поради тешкиот период низ кој поминуваме не можеме да се израдуваме и да ги одбележиме овие настани како што доликува, сепак, станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина“, кажа Пендаровски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира