Со над три пратенички мандати над ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и коалицијата „Можеме“ се победници на овие предвремени парламентарни избори, кажа лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев.
„Победи иднината! Следува правда! Патот напред е потврден, на опасноста ѝ кажавме јасно ‘Не’“, кажа Заев.
Тој потоа три пати извика: „Економија – Правда!“ и најави дека тоа ќе биде приоритет на неговата влада.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и на опозицијата Христијан Мицкоски воопшто не излезе пред јавноста.
Заев кажа дека според резултатите на нивниот аналитички центар, СДСМ со „Можеме“ има освоено 49 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ 46.
“Но состојбата се менува и очекуваме да добиеме уште еден пратеник во шестата изборна единица, како и во првата” рече Заев.
На прашањето со која партија ќе коалицираат и дали е можно да има Влада без ДУИ, Заев рече дека ќе ги почекаат конечните резултати и распоредот на пратеничките места.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не се појави во јавноста. Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев околу полноќ кажа дека битката е изедначена, откако околу 21 часот објави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со 7-8 мандати повеќе од СДСМ.
Портпаролот на ДИК Адмир Шабани кажа дека во текот на понеделник ќе бидат пресметани и соопштени бројките на освоени пратенички места на секоја од партиите учеснички на предвремените парламентарни избори, кои годинава, поради пандемијата со коронавирус траеја три дена.
А. АНТЕВСКА