ПРОПУСТИТЕ КАЈ КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СЕ ГОЛЕМИ, МОЖАМ СЛОБОДНО ДА КАЖАМ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ЕРОЗИЈА НА СИСТЕМОТ, КАЖА КОЦЕВСКИ КОЈ НАЈАВИ ПРИТВОРИ

    ПРОПУСТИТЕ КАЈ КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СЕ ГОЛЕМИ, МОЖАМ СЛОБОДНО ДА КАЖАМ ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ЕРОЗИЈА НА СИСТЕМОТ, КАЖА КОЦЕВСКИ КОЈ НАЈАВИ ПРИТВОРИНема писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот, нема дозвола за употреба на пиротехнички средства, нема врата за евакуација во дискотеката, рече Државниот обвинител. (Фото: СДК.МК)

    Државниот обвинител Љупчо Коцевски кој работи од Кочани, кажа дека за катастрофалниот пожар со 59 жртви во дискотеката „Пулс“ обвинителите ќе бараат притвор за најмалку за 10 лица, осомничени за разни тешки кривични дела: од тешки дела против сигурноста, преку примање и давање мито, до пуштање во промет на опојни дроги.

    „Пропустите се големи. Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот“, кажа државниот обвинител Коцевски кој исто така е вчудовиден како можело воопшто некогаш оваа дискотека да добие лиценца за работа.

    „Како што стигаа телата и се идентификуваа, обвинителите издаваа наредби за обдукција на жртвите. Има наредба да се апси секое лице кое довело на некој начин до настанот. Издадени беа наредби за одземање видеозаписи, за привремено одземање на документацијата на фирмата, за претрес на дом, за меѓуинституционална соработка со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Увидот уште трае. По овие 6, утре ќе ангажирам уште тројца обвинители, од Скопското обвинителство“, кажа Коцевски на вечерашната прес-конференција.

    Јавните обвинители во предистрагата, рече тој, утврдиле дека објектот немал хидрантна мрежа, ниту хридрант. Имал само два противпожарни апарата. Немало 2 излезни врати за евакуација според бараните стандарди и квадратурата. Коцевски кажа дека имало само една импровизирана метална врата и таа била заклучена однадвор.

    „Внатрешноста на објектот била со гипс-картон без огноотпорни средства, немало спуштен таван со противпожарни материјали, ни систем за известување за пожар, просторијата била обложена со запалливи материјали. Биле користени пиротехнички материјали без дозвола и без соодветна фирма. Констатирано е согласно имотниот лист на објектот, дека тој бил регистриран за лесна индустрија и оти не била извршена пренамена за угостителска дејност. И покрај тоа, Министерството за економија им давало дозвола 15 години“, кажа Коцевски.

    Тој рече дека треба да се лоцира кривична одговорност која е кај повеќе лица, за тешки дела против општата сигурност и други кривични дела.

    „Ќе се бара мерка на краткотраен притвор за 10 лица. Јавното обвинителство го сослуша првиот осомничен, еден од организаторите. Нема писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот. Може да се работи за кривични дела за давање и примање поткуп и за употреба на пиротехнички средства. Предизвикале опасност за животот и телото од огромни размери“, рече обвинителот.

    Во пожарот кој утрово околу 2 часот изби во кочанската дискотека „Пулс“ за време на концертот на групата ДНК, повредени се 155 луѓе кои се хоспитализирани се во различни здравствени установи низ државата, а 27 се во критична состојба, а 13 се транспортирани во Солун. Загинатите 59 лица на возраст од 14-25 години се од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип. Пожарот е предисвикан од пиротехнички материјали – прскалки кои беа пуштени за време на концертот на сцената, по што се запали таванот кој се урна, па околу 500 гости во стампедо излегувале низ единствената врата.

    Дискотеката е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Лоцирана е во урбана средина меѓу куќи, во тесна и тешкодостапна уличка без паркинг. Колите на гостите се паркираат во околните улички и поради тоа улиците се недостапни за возила на брзата помош и противпожарната заштита.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира