САМО ВО НЕДЕЛАТА ФАТЕНИ ДЕВЕТМИНА ПИЈАНИ ВОЗАЧИ НА ГЛИСЕРИ ВО ОХРИД, ОД КАПЕТАНИЈАТА ВЕЛАТ ДЕЛ ОД ЧАМЦИТЕ НЕ СЕ ПРЕРЕГИСТРИРАНИ

    САМО ВО НЕДЕЛАТА ФАТЕНИ ДЕВЕТМИНА ПИЈАНИ ВОЗАЧИ НА ГЛИСЕРИ ВО ОХРИД, ОД КАПЕТАНИЈАТА ВЕЛАТ ДЕЛ ОД ЧАМЦИТЕ НЕ СЕ ПРЕРЕГИСТРИРАНИВо Регистарот на Капетанијата на пристаништата се евидентирани 3.532 пловни објекти – чамци, катамарани, едрилици, глисери и водени скутери кои пловат на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Засилените контроли на Охридското Езеро и оваа туристичка сезона открија бројни прекршувања на правилата за безбедна пловидба, што директно ја загрозуваат безбедноста на пловидбата.

    Само во неделата, при заедничка контрола на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспектори од Капетанија на пристаништа Охрид, биле затекнати 52 прекршоци, а деветмина од контролираните управувале пловни објекти под дејство на алкохол.

    Од почетокот на годината, Капетанијата на пристаништата спровела 38 инспекциски надзори, при што се изречени 17 прекршочни санкции. Лани пак, во 179 контроли биле евидентирани дури 117 прекршоци.

    Најчестите прекршоци се однесуваат на пловење со истечена важност на пловидбената дозвола, управување без уверение за управување со чамец, неносење појас за спасување, претовар на пловните објекти, глисирање во близина на брегот и пловење без соодветно осветлување во ноќни услови.

    Во Регистарот на Капетанијата на пристаништата се евидентирани 3.532 пловни објекти – чамци, катамарани, едрилици, глисери и водени скутери кои пловат на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Дел од нив со години не се пререгистрирани, а нивната техничка исправност не е потврдена, иако сè уште се водат во регистарот бидејќи сопствениците немаат поднесено барање за нивно бришење.

    Капетанот на Капетанијата на пристаништата на Македонија, Илија Арнаудоски, потсетува дека глисерите и водените скутери смеат да глисираат дури по напуштање на зоната од 300 метри од брегот, која е наменета за безбедност на капачите.

    „Треба со мала брзина да излезат од брегот и дури по 300 метри можат слободно да глисираат. Тоа важи за сите пловни објекти – глисери, скутери и катамарани. Санкцијата за непочитување на ова правило е 250 евра. Неправилности често пријавуваат и самите граѓани. Контролите ги спроведуваме заедно со Езерската полиција, која ги издава прекршочните налози, а потоа предметите ги процесира инспекторот за внатрешна пловидба при Капетанијата“, вели Арнаудоски.

    Контролите, како што вели Арнаудоски, се реализираат најмалку еднаш неделно во координација со Езерската полиција, а во меѓувреме инспекторите од Капетанијата спроведуваат и самостојни превентивни надзори со цел навремено да се предупредат сопствениците и управувачите на пловните објекти.

    Капетанот на Капетанијата на пристаништата на Македонија, Илија Арнаудоски, потсетува дека глисерите и водените скутери смеат да глисираат дури по напуштање на зоната од 300 метри од брегот, која е наменета за безбедност на капачите. (Фото: СДК.МК)

    Од минатата година во контролите е вклучено и задолжително алкотестирање на управувачите со пловни објекти. Од Капетанијата велат дека и годинава ќе продолжат со оваа практика и апелираат граѓаните да не управуваат пловен објект под дејство на алкохол, навремено да ги регистрираат пловилата и да ги почитуваат сите безбедносни правила.

    Најголем дел од санкциите се изрекуваат на сопственици на водени скутери кои во одредени делови од крајбрежјето се движат блиску до зоните за капење, што предизвикува реакции кај посетителите и дополнителен ризик за безбедноста на капачите. Доколку едно лице повеќепати го повтори истиот прекршок, покрај паричната казна, може да му биде одземен и скутерот.

    Надлежните потсетуваат и на правилата што важат за изнајмување педалинки. Издавачите не смеат да ги изнајмуваат на малолетни лица без надзор, бројот на лица на една педалинка не смее да надмине четири, задолжително е обезбедување елеци за спасување, а движењето не смее да биде подалеку од 300 метри од брегот. Но, често педалинките се оптоваруваат над дозволениот капацитет, а дел од корисниците се упатуваат подалеку од брегот без доволно пливачко искуство и без целосно почитување на правилата за безбедност.

    По последната трагедија, во која телото на 21-годишно момче беше пронајдено во Охридското Езеро кај „Машка плажа“ во Струга, градоначалникот Менди Ќура до Советот на Општина Струга достави иницијатива за усвојување предлог-одлуки со кои треба да се зголеми безбедноста на струшките капалишта.

    Ќура посочи дека со децении плажите се узурпираат, а лицата кои стопанисуваат со нив често не плаќаат надоместоци и не преземаат соодветни мерки за безбедност на посетителите.

    „Предложив одлука со која ќе се забрани движење и паркирање на педалинките на плажите. Иако Општината нема надлежност за нивното движење во водата, има право да ги регулира нивното поставување и користење на плажниот простор. За жал, голем дел од овие педалинки работат нелегално, без да издаваат фискални сметки и без никаква контрола“, изјави Ќура.

    Секој концесионер на плажа, согласно прописите, има обврска да обезбеди најмалку еден спасувач, како и да ги почитува безбедносните стандарди за користење на рекреативните содржини. До овој момент, на 11 капалишта се ангажирани 13 спасители. Во рамки на безбедносните мерки, плажите треба да бидат соодветно обележани и со поставени пловни ознаки – бови, кои ја определуваат зоната за капење и границата до која капачите можат безбедно да се движат во водата.

    Сепак, искуствата од претходните години покажуваат дека на терен често се забележуваат неправилности, од недоволен број спасувачи во одредени периоди, до неконтролирано издавање на реквизити за водни спортови.

    Од минатата година во контролите е вклучено и задолжително алкотестирање на управувачите со пловни објекти. (Фото: СДК.МК)

    Од Капетанијата оценуваат дека засилените контроли и превентивните активности се неопходни за намалување на бројот на несреќи и за поголема безбедност на сите учесници во водниот сообраќај за време на летната сезона. Апелираат на одговорно однесување од страна на концесионерите и посетителите, со цел летната сезона да помине безбедно и без сериозни инциденти на вода.

    На 2 јуни, Министерството за транспорт и врски донесе одлука според која се забранува возење скутери во Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро од 1 јули до 31 август. Забраната ќе важи од 11 до 19 часот, заради поголема безбедност на капачите, велат од Министерството.

    Со новата одлука на Министерството се забранува и пловидба на чамци навечер. Односно, од 3 јуни до 31 август забраната ќе биде од 21 до 5 часот, од 1 септември од 20 до 6 часот и од 1 до 31 октомври од 19 до 6 часот.

    „Оваа Одлука се носи со цел намалување на ризикот од несреќи, спречување на загрозување на безбедноста на капачите и зачувување на јавниот ред на езерата. Исто така, информираме дека надлежните служби ќе вршат засилени контроли и за непочитување на пропишаните ограничувања ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи“, велат од Министерството.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира