Тринаесет американски конгресмени испратија писмо до бугарскиот амбасадор во САД Тихомир Стојчев, повикувајќи ја Бугарија да пронајде решение за спорот кој ги кочи Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со Европската Унија. Демократот Бил Китинг на Твитер го објави писмото потпишано од него и од 12 негови колеги и колешки од Претставничкиот дом.
„Западен Балкан е сложен, динамичен геостратешки регион на Европа. Тие земји работеа напорно за да ги решат регионалните спорови, воспостават демократија и да ги поттикнат политичките процеси неопходни брзо да се интегрираат во Европската Унија. Три од нив, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, му се придружија на НАТО. Од таа причина, ние силно се залагаме за брза интеграција на Западен Балкан во Европска Унија“, стои во писмото.
Тие го предупредуваат Стојчев дека одложувањето на интегративниот процес на Албанија и Македонија фрла сомнежи врз ветувањата дадени од западните лидери.
„Тоа ја отвора вратата за анти-западни политички влијанија во регионот, особено од Кина и Русија. Ние веруваме дека евентуалното членство на Албанија и Северна Македонија е клучно за постигнување долготрајни мир и стабилност на Балканот. Токму затоа, ве повикуваме да постигнете конечно решение за овој билатерален спор, што ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да ги почнат пристапните преговори до крајот на годината“, велат конгресмените.