108 ВРАБОТЕНИ ОД ФИЛХАРМОНИЈАТА НЕ САКААТ ДА ГО ДЕЛАТ ОБЈЕКТОТ СО КОЛЕГИТЕ ОД НОВИОТ ОРКЕСТАР ЗА ЏЕЗ МУЗИКА

    108 ВРАБОТЕНИ ОД ФИЛХАРМОНИЈАТА НЕ САКААТ ДА ГО ДЕЛАТ ОБЈЕКТОТ СО КОЛЕГИТЕ ОД НОВИОТ ОРКЕСТАР ЗА ЏЕЗ МУЗИКА„Сакаме да ја искажеме нашата загриженост од информацијата дека ние, институција која 70 години се бореше да добие сопствен простор, кој е проектиран исклучиво да ги задоволи потребите на еден модерен симфониски оркестар, треба да отстапиме простор на уште една институција“, велат вработени од Филхармонијата. (Фото: М. Аргакијева)

    Сто и осум вработени од Филхармонијата, меѓу кои и директорката Тина Иванова, се потпишани на петиција со која реагираат на владината одлука за вдомување на новоформираната национална институција „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонијата.

    Владата на 21 март ја донесе одлуката која ја поздрави целата јавност, а според образложението од Министерството, „Оркестарот за џез музика“ просторно ќе се смести во објектот на Филхармонијата, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на Националната опера и балет (НОБ).

    Во писмото од вработените кое е испратено до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, премиерот Димитар Ковачевски и медиумите, тие потенцираат дека ја поздравуваат одлуката, не се против колегите, но сметаат дека решението оваа новоформирана институција да биде сместена во објектот на Филхармонијата е целосно несоодветно и ќе направи повеќе штета отколку полза. Тие сметаат дека не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти.

    „Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена) кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во Филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел. Имено, во објектот има точен број соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно. (На пр. во собата за контрабаси, волуменот, квадратурата и акустиката е соодветна исклучиво за оваа група, не би можеле и не е соодветно оваа група на инструменти да ја сместите во собата за флејти, која што пак е направена специфично за оваа група, според потребата на групата, бројот на членови, и изработена со различна квадратура, акустика и волумен) и така за секоја група поединечно“, стои во писмото.

     

    Потпишаната петиција од вработените во Филхармонијата. (Фото: Синдикат на Филхармонија)

     

    Меѓу другото музичарите велат дека се исполнети капацитетите на гардеробите, на просториите за администрацијата и техничката служба. Во објектот, велат, има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби беше пренаменета една од просториите за вежбање.

    „Сакаме да ја искажеме нашата загриженост од информацијата дека ние, институција која 70 години се бореше да добие сопствен простор, кој е проектиран исклучиво да ги задоволи потребите на еден модерен симфониски оркестар, треба да отстапиме простор на уште една институција, која што исто така треба да има простор за индивидуална работа, заедничка работа, административна служба, техничка служба, нототека, студио и сите други нешта кои се придружни на еден објект. Крајно сме загрижени дека буквалното ‘втурнување’ на уште еден оркестар, за кој сме среќни што постои и секогаш сме ја поддржувале нивната работа, сепак, ќе значи загрозување на интегритетот на Mакедонската филхармонија од аспект на секојдневно функционирање на двата субјекти. Би сакале да нагласиме уште еднаш дека ние не сме против нашите колеги и постоењето на овој оркестар, дури и сметаме дека треба да ги поддржиме во нивните напори да си го добијат заслуженото место, но не би можеле да ја прифатиме одлуката оваа новоформирана институција да биде сместена и да функционира во нашиот објект. Овој објект, овој музички храм го чувствуваме како наш бидејќи за еден професионален музичар денот започнува и завршува во концертната сала“, стои меѓу другото во писмото.

    Од Министерството за култура велат дека е донесена одлука за формирање на Оркестар за џез музика и во постапка е нејзиното правно формализирање. Начелно, објектот на Филхармонијата, како најсродна институција до новоформираниот оркестар е предложен за користење до конечното формирање на установата.

    „Очекуваме, колегите од двата оркестри да покажат меѓусебно разбирање во оваа првична фаза за новата установа која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура, до конечното решение за нејзините потреби во делот на непречено административно и концертно дејствување“, вели Министерството за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира