125.000 ЕВРА ОД ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ГОДИНАВА ОДАТ ЗА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО

    125.000 ЕВРА ОД ДРЖАВНИОТ БУЏЕТ ГОДИНАВА ОДАТ ЗА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВОЦрквата во Курбиново добива најмногу средства од програмата за заштита на недвижно културно наследство. (Фото: СДК.МК)

    Речиси 125.000 евра ќе бидат издвоени од државниот буџет за конзервација и реставрација на црквата „Свети Ѓорги“ во преспанското село Курбиново преку годишната програма на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес.

    Според програмата што ја објави министерството, парите се обезбедени преку два проекти за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство со 3.900.000 денари и конзервација и реставрација на прва фаза архитектурата и конструкција на црквата трета фаза во износ од 3.710.000 денари или вкупно 7.610.000 денари.

    Ако се земе предвид вкупниот инзос на двата проекта, црквата во Курбиново добива најмногу средства од програмата за заштита на недвижно културно наследство. Доколку сумите се разгледуваат одделено, тогаш најмногу средства се предвидени за изработка на програма за дренирање на води и проект за конзервација и реставрација на архитектурата на манастирот во Трескавец, Прилепско со пет милиони денари.

    Во Преспанскиот Регион изводени се и еден милион денари за изработка на конзерваторски проект за реконструкција и адаптација на објектот на старото школо во село Љубојно, како и два милиони денари за третата фаза од конзервацијата и реставрацијата на покривот на „Сарајот на Нијази бег“ денешен Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.

    По триста илјади денари или безмалку по пет илјади евра ќе бидат издвоени и за фасадите на спомен куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов во Битола. Финансиски поддржани се и три премиери на Народниот театар од Битола и Шекспир Фестивалот, како и фестивалите и друго проекти на Центарот за култура. Директорите на овие две институции Иван Јерчиќ и Маја Андоновска- Илијевски соопштија дека на повидок е и огромниот инвестициски зафат за комплетна реконструкција на објектот каде се сметени и Театарот и Центарот и дека ова е прва капитална инвестиција од кога е пуштен во употреба.

    Од годишната програма 239.100 денари (3,9 илјади евра) се наменети за Малиот битолски Монмартр за Светскиот ликовен конкурс „Битола 2О23″, 41. Светска детска ликовна изложба и 42. Меѓународна детска ликовна колонија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира