„17“ Е ФИЛМ ЗА ТИШИНАТА ЗАД ЗАТВОРЕНИТЕ ВРАТИ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА МИТИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БЕРЛИНАЛЕ

    „17“ Е ФИЛМ ЗА ТИШИНАТА ЗАД ЗАТВОРЕНИТЕ ВРАТИ, РЕЧЕ РЕЖИСЕРКАТА МИТИЌ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БЕРЛИНАЛЕСалковски, Даниловска, Митиќ, Костиќ и директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Филмот „17“ не се занимава со барање одговори, не се занимава со обвинување, со морализирање, догматизирање, туку се занимава со тој одговор, односно тие луѓе, институции и тишини кои дозволиле такво нешто да се случи, девојка којашто отишла на апсолвентска екскурзија, се породила, го ставила бебето во корпа за отпадоци и се вратила назад на патувањето како ништо да не се случило, рече режисерката Косара Митиќ на денешната прес-конференција. Нејзиниот дебитантски филм „17“ ќе има светска премиера на 76. Берлинале во селекцијата Перспективи, кој ќе се одржи од 12 до 22 февруари. Перспективи е натпреварувачка селекција за дебитантски филмови создадена лани, а годинава 14 се во трката за наградата Најдобро филмско деби.

    По сценариото на Митиќ и хрватскиот режисер и сценарист Огњен Свиличиќ, филмот се снимаше пролетта 2024.  Инспирација е вистинит настан кој се случи во 2016, кога студентка од Скопје го фрли во корпа за отпадоци своето живо родено бебе, во тоалет на граничниот премин Табановце и замина на апсолвентска екскурзија во странство.

    „Мислам дека темата некако ме апсорбира целосно и ме вознемири на некој начин. Се работи за нешто што го раскажуваме како брутален, апсолутен реализам. Станува збор за тишина којашто се чува зад затворени згради, не затоа што се ретки, туку затоа што се доста невидливи и на некој начин некомфорни. Првиот импулс за да тргнам да го правам овој филм дојде од вистински настан. Мислам дека кога го прочитав тоа, самиот чин дека никој не знаел за тоа дека е бремена ме вознемири многу повеќе отколку самиот акт. И се запрашав како тоа е можно. На некој начин, тоа не е индивидуален неуспех, туку колективен неуспех“, кажа Митиќ, која досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

    Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

    „17″ е копродукција на македонската „Црна мачка продукција“ со „Арт&попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, поддржана од македонската Агенција за филм и филмските фондови на Србија и Словенија. Филмот доби 23 милиони денари (околу 345.000 евра) на првиот конкурс на Агенцијата за филм во 2021. Продуценти се Томи Салковски и Кристијан Буровски, кинематографер е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминка и фризура на Карла Лазиќ (Србија), снимател на звук е Аљаж Лукан (Словенија), а монтажер Дејан Смилески.

    Како што објави вчера филмското списание „Скрин интернешенел“, париската продуцентско-дистрибутерска куќа „Тотем филмс“ ја презеде меѓународната продажба за „17“. „Филмот предизвика страсна дискусија меѓу нашиот феминистички тим. Со бесконечна емпатија кон нејзината протагонистка, Косара нè нурнува во бруталноста на тоа да се има 17 години“, изјави извршната директорка на „Тотем“, Беренис Винсент.

    Салковски рече дека кога му дошла Митиќ со идејата, многу ми се допаднал пристапот како размислува, како да ја направи приказната, како да го направи филмот.

    „Потоа почна еден долг процес на пишување на сценариото, ние знаеме дека во Македонија немаме баш сценаристи, па така режисерите можат некогаш да се мачат повеќе за да дојдат до своето прво сценарио. Отиде на Мидпоинт во 2017 , па после тоа излезе еден драфт, јас ја враќав, морам да признаам, неколку пати. Значи, ова е филм којшто не ги затвора проблемите, туку ги отвора проблемите. Ние сакаме да покажеме како живееме, односно дека секојдневно сите ние премолчуваме некои работи што се случуваат. Така што имавме и други идеи уште на почетокот, еве сега се сеќавам на Хорхе Луис Борхес и книгите што сме ги читале, дека се случуваат тука и такви работи, но сепак го прочистивме, го направивме европски, го направивме уметнички и од самиот почеток знаевме јас и Косара дека ќе заврши на голем фестивал. Некако го знаевме тоа“, кажа Салковски.

    Продуцентот рече дека сѐ уште е рано да се каже термин за македонска премиера, тоа ќе одлучат после Берлинале.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира