20 УКРАДЕНИ ИКОНИ СЕ ВРАТИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, СЕ ПЛАНИРА НОВ ПРОЦЕС ЗА ВРАЌАЊЕ НА УШТЕ 37 ИКОНИ ОД АЛБАНИЈА

    20 УКРАДЕНИ ИКОНИ СЕ ВРАТИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, СЕ ПЛАНИРА НОВ ПРОЦЕС ЗА ВРАЌАЊЕ НА УШТЕ 37 ИКОНИ ОД АЛБАНИЈАИконите доцна вечерва стигнаа во Музејот на Македонија, за јавноста ќе бидат изложени после 45 дена, а потоа ќе ѝ бидат вратени на МПЦ. (Фото: К. Попов)

    Дваесет икони кои им припаѓаат на македонските цркви и манастири, а кои пред десетина години биле украдени од земјава и нелегално изнесени, денеска во Тирана свечено ѝ беа предадени на македонска делегација, а потоа со полициска придружба стигнаа во Скопје.

    Иконите доцна вечерва стигнаа во Музејот на Македонија, за јавноста ќе бидат изложени после 45 дена, а потоа ќе ѝ бидат вратени на МПЦ.

    Министерката за култура со стручните лица во Музеј на Македонија. (Фото: К. Попов)

    Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на свеченоста во Тирана  рече дека Владата високо го цени и го вреднува овој историски чин.

    „Во овој гест како израз на пријателство од страна на Владата на Република Албанија, премиерот Еди Рама и мојата колешка, министерката Елва Маргарити, не ја препознаваме само политичката порака за почитување на преземените обврски како држави. Многу повеќе ја препознаваме пораката за етичкиот и моралниот однос, како и вреднување на македонското заштитено културно богатство “, кажа Костадиновска-Стојчевска во Тирана.

    Иконите биле украдени од цркивите и манастририте во Струшко. (Фото: К. Попов)

    Во Музејот на Македонија, министерката за култура кажа оти верува дека успешно ќе се одвива и просецот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот 2008 – 2013 година.

    „Тоа беа години во кои многу често слушавме за обивање и ограбување на наши светилишта во југозападниот дел од државава, од Ресен до Радожда“, рече министерката за култура.

    Од македонска страна во постапката учествуваа стручни лица од Министерството за култура, од Управата за заштита на културното наследство, од МАНУ, Националниот конзерваторски центар, Завод и Музеј Битола и Завод и Музеј Охрид.

    Станува збор за икони украдени од црквите во Струшко, а кои, како што лани кажа историчарот на уметност д-р Сашо Цветковски од МАНУ, македонските експерти во 2013 случајно преку медиумите во Албанија во ТВ-прилог за Еди Рама забележаа дека таму се украдените икони од земјава.

    „Во еден период од 2008 до 2013 имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Ние насетувавме, но не бевме сигурни дека патот ќе нѐ води кон Албанија. Во 2013 откако ги добивме првите информаци, тие беа сосема случајно на медиумите од национална телевизија на Албанија, каде што тогашниот премиер Еди Рама направи увид да се види кои се материјалите кои се запленети. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013 , мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галерија на современа уметност, каде што беа депонирани, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија“, рече Цветковски лани во ноември.

    Министерката за култуура на Албанија Елва Маргарити во Тирана ѝ ги предаде иконите на Костадиновска-Стојчевска. (Фото: Министерство за култура)

    Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите лани во Скопје. По завршувањето на овој процес за враќање на 20. украдени икони во земјава, предвидено е отворање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира