23. СИНЕДЕЈС ПОЧНУВА НА 11 ЈУЛИ СО ПРЕМИЕРАТА НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ЕФТЕРКЛАНГ: МАКЕДОНИУМ БЕНД“

    23. СИНЕДЕЈС ПОЧНУВА НА 11 ЈУЛИ СО ПРЕМИЕРАТА НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ „ЕФТЕРКЛАНГ: МАКЕДОНИУМ БЕНД“Документарецот го следи патешествието на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел да се состави голем ансамбл кој би извел перформанс пред споменикот „Македониум” во Крушево. (Фото: МКЦ)

    Со премиерата на документарниот филм „Eфтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, на 11 јули ќе се отвори 23. издание на фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје. Премиерата ќе биде во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ). „Eфтеркланг: Македониум бенд” е првиот филм во продукција на МКЦ и е македонско-данска копродукција.

    Филмот во март годинава имаше светска премиера на фестивалот CPH:DOX во Копенхаген, каде што беше прикажан во специјалната програма „Саунд & Вижн“ (Sound&Vision). Повеќе од 1.000 гледачи ги проследија двете распродадени проекции, по кои настапи музичкиот состав по кој е именуван филмот.

    Овој музички документарец се снимаше во април 2023 и го следи патешествието на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел да се состави голем ансамбл кој би извел перформанс пред споменикот „Македониум” во Крушево. Во ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” членуваат и 22 македонски музичари: 16 хористки од Женскиот младински хор при МКЦ и Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

    „Оваа плејада на неверојатни уметници на двата концерта изнуди овации од присутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонско оро, кое продолжи и вон концертната просторија. Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзалната љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје“, кажа Владица Младеновски, музичкиот уредник во МКЦ и еден од главните ликови во филмот.

    По проекцијата, концерт ќе има целиот состав на бендот, а по него, ќе има забава со диџеј Фиц и диџеј Строго Поп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира