Стои и дваесет театарски плакати и 120 каталози од авторите Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески е поставена во фоајето на Народниот театар во Битола, во чест на 80 години од основањето и првата претстава изведена на македонски јазик.
„Авторите во својата тридецениска работа врз уметничкиот плакат, остварија и своевиден уникатен театарски опус кој што со уметничките резултати е единствен во нашата средина а е и вреднуван со бројни награди и од меѓународен карактер. Изложбата не само што е своевиден авторски проект туку е и исклучителен уметнички и дизајнерски придонес во историјата на македонската ликовна уметност опфаќајќи широк дијапазон на индивидуални и оригинални авторски реализации“, велат од Меѓународното графичко триенале од Битола.
Поставката содржи и оригинален ракопис на првиот и единствен театарски манифест во Битолскиот театар, пишуван во 1996 од Владо Цветановски и Владо Ѓорески. Креативната соработка во областа на театарскиот плакат помеѓу Бојаџиев и Ѓорески е повеќегодишна. Изработиле колу 150 плакати и сто толку и друг печатен театарски материјал за сите театри во Македонија, како и за тетари во Хрватска, Бугарија, Русија, Франција.
Од Триеналето велат дека во својот посветен уметнички ангажман, покрај љубовта кон музиката, која многу често е дел од музичката илустрација за бројни претстави (Бојаџиев е единствен добитник на Стериијна награда за музичка илустрација во претставата „Подземна република“ на Битолскиот театар), вокацијата кај Бојаџиев е и создавањето на посебна, авторска фотографија. Ѓорески е графички уметник кој што има остварен броен ликовен опус кој што исто така е специфичен.
„Имајќи ги во предвид овие елементи и нивниот индивидуален творечки сенс, тие создаваат уметнички плакати кои што не се илустрација или своевиден примарен ‘водич’ за театарската претстава, туку, еден вид надградба, надополнување и смело отстапување од основните постулати на претставата. Според нив-плакатот не е формална и ‘фактографска’ илустрација, тој е еден од театарските елементи кој што би требало да содржи повеќеслојност со бројни елементи на театарскиот јазик“, велат од Графичкото триенале.