Од 8 до 14 септември на отворено кај А1 Арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи Саемот на книга. Организаторот додава дека поточната локација е кај Аква паркот, под монтажните објекти. Саемот вообичаено се одржуваше во април секоја година, изминативе години беше внатре во спортската сала, а поради коронавирусот 32. издание беше поместено за овој период.
Се најавува понуда на голем број домашни и странски автори, странска литература, стручна, научна и белетристичка литература, книги за млади и деца.
„Согласно Протоколите за спречување на ширење на коронавирусот пропишани од Владата, за Саемот на книга 2020 ќе бидат обезбедени сите мерки за кои посетителите и изложувачите ќе бидат соодветно информирани“, велат од Саем на книга.
Работното време на саемот е од 10 до 20 часот, а на 14 септември од 10 до 17 часот. Билетот за влез чини 30 денари, а за деца и млади до 18 години е 20 денари, а ќе се купува онлајн и на билетарите пред влезот на саемот.
Б. НЕСТОРОСКА